• четврток, 07 ноември 2024

МОК со сесија обуки за превенција на манипулација со спортски натпревари

МОК со сесија обуки за превенција на манипулација со спортски натпревари

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Главните ризик фактори на кои се подложни спортските работници и спортистите, како и правната рамка на мониторинг, пријавување и водење на истрага за манипулација со спортски натпревари беа во фокусот на првата сесија од обуката на тема „Превенција на манипулација со спортски натпревари“ во организација на Македонски олимписки комитет.

Како што информираат оттаму, обуката ќе ја води експертот Жоао Пауло Алмеида од Португалија, а таа се реализира во рамки на проектот „Интегритет во спортот: Фер плеј“.

Претседателот на Олимпискиот Комитет, Даниел Димевски, на настанот изјавил дека МОК ќе биде активно вклучен на оваа тема. 

- Олимпискиот Комитет на оваа тема во следниот период ќе биде активно вклучен, меѓу другото во МОК ќе биде ангажирано и лице кое ќе биде контакт лице за сите национални федерации членки на МОК за проследување на доверливи информации. Лицето ќе подготви и едукативна програма која понатаму ќе се дистрибуира низ цела Македонија. Целта ни е да ја подигнеме свеста, особено кај младата спортска полулација како да препознаат закана и како да пристапат кон истата, образложил тој.

Силвија Митевска, координаторка на проектот, дополнува дека на обуката учествувале повеќе од триесетина спортски работници кои активно се вклучиле во дискусијата. 

- Особено е важно, од една страна да се разберат кои се поттикнувачките фактори кои придонесуваат кон манипулација со спортски натпревари, како што се глобализацијата, брзиот раст на пазарот за обложување, сѐ повеќе софистицираните уреди за комуникација како и интересот и вклученоста на организираниот криминал во спортот, и од друга страна, кои се ефикасни стратегии и пристап кои се користат за превенција на оваа глобална закана која му наштетува на спортот и спортскиот дух, вели таа. 

Информира дека во проектот е предвидено креирање на национална платформа за размена на информации помеѓу главните чинители, односно Олимпискиот Комитет, Министерството за внатрешни работи и Обвинителство, со цел воспоставување на механизми за пријавување на евентуална манипулација или местење на натпревари и навремена истрага. ар/ев/

Фото: МОК

Остани поврзан