• вторник, 24 декември 2024

„Мобилниот во ранец“ – Грција ги забранува мобилните телефони за време на наставата

„Мобилниот во ранец“ – Грција ги забранува мобилните телефони за време на наставата

Атина, 29 август 2024 (МИА)  – Во новата учебна година во Грција, што започнува на 11 септември, ќе бидат воведени 11 промени, меѓу кои и забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата, додека пак за прекршувањето на мерката, но и за снимање и фотографирање предвидени се казни, како што се бркање од часови, суспензија на неколку дена и сл., јави дописничката на МИА од Атина.

Новите промени што имаат за цел да го подобрат наставниот процес и училишниот живот беа презентирани на средбата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со раководството на Министерството за образование, религија и спорт. 

Мицотакис се задржа на мерката за мобилните телефони, објасни дека учениците може да ги носат на училиште, но треба да ги чуваат во ранците, посочувајќи дека се негативни резултатите од научните студии за тоа како користењето мобилни на училиште влијае на самиот процес на учење.

- „Мобилниот во ранец“ е слоганот со кој сакаме да се отворат училиштата оваа учебна година. Тоа е нов напор. Сакам да нагласам дека многу европски земји се движат во оваа насока. Не бараме 100 отсто усогласеност од првиот момент, но сакаме да им објасниме на децата, на родителите и наставниците зошто е важно ученикот и ученичката на училиште да биде апсолутно посветени на образовниот процес, истакна Мицотакис.

Од Министерството за образование, религија и спорт информираа дека Грција им се приклучува на европските земји кои се стремат кон забрана за користење на мобилни телефони во училиштата, објаснувајќи дека Португалија и Шпанија целосно ја применуваат, во Франција и Финска се применува со одредени промени, додека Кипар и Шведска се блиску до усвојување на мерката.

За непочитување на забраната, предвидено е ученикот да биде избркан од сите часови во текот на денот, во случај да ги снима или фотографира наставниците или соучениците, без нивна согласност, казната е тридневна суспензија, додека ако е со согласност ќе биде суспендиран од еден до три дена. 

Меѓу останатите промени што се воведуваат во новата учебна година во Грција се и: вработувања на 10.000 просветни работници; воведување онлајн попладневни бесплатни дополнители часови за подготовка за полагање државна матура; автономни класови во оддалечени и малку населени места, а први се малите острови Гавдос и Арки; проширување на програмата со интерактивните табли; воведување специјална апликација „e-Parents“ за информирање на родителите и старателите за оценките на учениците, што во иднина ќе се прошири со можност за информирање за отсуствата итн. 

Мицотакис за новите промени рече дека тој ги дели во три категории: првата се однесува на вработувањата на просветни работници, втората е технологијата, а третата е поврзана со прашањата од наставниот процес и однесувањето на учениците. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан