• сабота, 21 февруари 2026

Млади од Делчево и Тирана заедно во културна и едукативна размена

Млади од Делчево и Тирана заедно во културна и едукативна размена

Делчево, 17 февруари 2026 (МИА) - Во Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево денеска се одржа прес-конференција по повод реализацијата на проектот „Суперучилишта“. Во рамки на оваа образовна програма годинава ученици и наставници од Средното економско и техничко училиште од Тирана овие денови престојуваат во Делчево реализирајќи заеднички активности со ученици од делчевската гимназија.

-Во посетата учествуваат 15 ученици и двајца наставници од Тирана, додека вкупниот број на вклучени ученици во активностите изнесува околу 30, заедно со четворица наставници од двете училишта. Гостите ќе престојуваат во Делчево до 21 февруари, а во март е предвидена возвратна посета, кога ученици од Делчево ќе заминат во Тирана во периодот од 23 до 28 март, информираше директорката на делчевската гимназија Марина Синадиновски.

Во текот на неделата како што додаде координаторката Даниела Мијалчова предвидени се бројни работилници, едукативни и неформални активности, како и посети на културни, верски и општествени објекти.

-Дел од програмата вклучува активности на планината Голак, средби со претставници на бизнис секторот во градот, како и заедничко дружење, кое на крајот од посетата ќе заврши со заедничка забава, истакна Мијалчова.

Учениците од Тирана велат дека проектот претставува ново и позитивно искуство за нив.

-Немам некои посебни очекувања, но сметам дека проектот е навистина добар-  изјави седумнаестгодишната ученичка од Тирана, Исељ Азизе.

Нејзиниот соученик Дрејган Руго додаде дека посетата е прво вакво искуство за нив, но дека веќе се создадени пријателски врски.

Од страна на учениците од Делчево, првиот контакт со гостите бил оценет како многу позитивен.

-Гостите се другарски настроени, а оваа размена на искуства ни помогна да се запознаеме со културата и секојдневниот живот на другите, истакна Павел Салтировски, ученик во гимназијата во Делчево.

Професорката Желеанка Демирова, која исто така четврта година е дел од програмата, потенцираше дека младите учат да ги почитуваат различностите и да соработуваат, што е од непроценливо значење за нивниот личен и образовен развој.

-Кога ги гледаш младите како нудат решенија на конструктивен начин преку неформални работилници, тоа е нешто незаменливо, додаде таа.

Во рамки на посетата, учесниците од проектот имаа и средба со градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, при што разговараа за можностите за развој на образовни и културни активности во градот. вс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан