• сабота, 23 ноември 2024

Младите од „Гејм Хаб“ Крива Паланка го донираа целодневниот промет на семејство од ранлива категорија

Младите од „Гејм Хаб“ Крива Паланка го донираа целодневниот промет на семејство од ранлива категорија

Крива Паланка, 20 април 2024 (МИА) - Со хумана мисија за поддршка и помош на семејство во социјален ризик од општината, двајца млади претприемачи од Крива Паланка, Христијан и Јован, ги донираа средствата од целодневниот промет од нивниот „Гејм-хаб“ на четиричленото семејство Младеновски од село Мартиница.

- Бевме трогнати од приказната за семејството кое деновиве кружи по медиумите, децата без мајка кои живеат во суб-стандардни услови, а сестрата која е малолетна се грижи за останатите двајца браќа. Јас и Јован како некогашни активни волонтери на Црвениот крст, решивме да го донираме целодневниот промет токму таму кадешто е најпотребно во моментов, рече Христијан Димитриевски, еден од иницијаторите за акцијата..

На овој начин, велат тие, ја одбележале и неделата на солидарност што трае од 15 април до утре.

-Среќни сме што по објавувањето дека еден ден ќе биде посветен на хуманоста, имавме многу посетители кои дојдоа за да помогнат, така што, ова е наша прва ваква иницијатива која сигурно ќе ја применуваме почесто, рече Димитриевски. 

Средствата лично беа доставени до семејството, а дечињата имаа можност и да уживаат во неколкучасовна заедничка дружба со Кико и Јован и да ги испробаат игрите кои се достапни за нивна возраст, овозможувајќи им забава и оттргнување од секојдневните грижи,кои, според Христијан, ниту едно дете на светот не заслужува да ги доживее.

Младите хумани момчиња порачаа дека понекогаш многу малку е потребно за среќа.

-Не смееме да заборавиме дека сите сме должни да помагаме, колку можеме и кога можеме, но сигурно дека не треба да ги чекаме посебните датуми, денови или недели, како неделата на солидарност, за да пружиме помош и поддршка. Добрите дела се наша мисија и ќе продолжиме да правиме уште многу други, истакна Димитриевски. ид/нд/

 

 

 

Остани поврзан