• понеделник, 16 декември 2024

Мицотакис: Очекувам јасна изјава од новиот премиер дека името е Северна Македонија и ќе го користи во и вон земјата

Мицотакис: Очекувам јасна изјава од новиот премиер дека името е Северна Македонија и ќе го користи во и вон земјата

Атина, 28 мај 2024 (МИА) – Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во вечерашното интервју за телевизијата Стар, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис во интервјуто за централното издание на вестите, говореше и за надворешната политика, а се осврна и на односите со нашата земја, посочувајќи дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа.

-Видов некои изјави на претседателката на Северна Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со Северна Македонија, но многупати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји, рече Мицотакис.

Го повтори ставот дека според нив Договорот има „многу проблеми кои ги гледаме сега во однос на признавањето на македонскиот јазик и националност“.

-Но, Договорот одреди едно име за сите и ова соседите мора да го почитуваат. И очекувам од новиот премиер, кога и штом ќе положи заклетва да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја, рече грчкиот премиер. ср/аа/

Остани поврзан