• понеделник, 23 декември 2024

Мицотакис: Од 2027 година минималната плата ќе биде 950 евра и со закон ќе биде забрането да се намали

Мицотакис: Од 2027 година минималната плата ќе биде 950 евра и со закон ќе биде забрането да се намали

Атина, 31 октомври 2024 (МИА) – Како што се обврзавме, перспективата е минималната плата да достигне 950 евра во 2027 година, но денеска разговараме за новиот, постојан систем на нејзино утврдување по 2027 година и за иницијативата со закон да биде забрането намалување, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека станува збор за „клучна иницијатива“, а висината на зголемувањето на минималната плата ќе се одредува според два критериуми, како што рече, од стапката на раст и подобрувањето на продуктивноста на економијата и од инфлацијата.

-Уште еднаш да потсетам дека минималната плата беше 650 евра во 2019 година, веќе е 830 евра и ќе ја исполниме нашата заложба до 2027 година да достигне 950 евра. Тоа е зголемување за речиси 50 отсто. Додека просечната заработка, од 1.036 евра, нашата цел е – и верувам дека ќе ја постигнеме, можеби и ќе ја надминеме – е да достигнеме 1.500 евра во 2027 година, односно подобрена за 45 отсто, истакна Мицотакис.

Обраќањето на владината седница грчкиот премиер го започна изразувајќи поддршка и солидарност за Шпанија по поплавите, посочи дека тоа „уште еднаш нѐ потсетува дека никој не е имун на климатската криза, но и ја истакнува улогата на цивилната заштита, правилното функционирање на бројот 112, превентивните евакуации, европската солидарност, како и заедничките акции во Медитеранот, кој, како што велат научниците е во фокусот на климатската криза“.

Во говорот се осврна и на вчерашната средба на кипарскиот претседател Никос Христодулидис со американскиот претседател Џо Бајден, за која рече дека со оглед на тоа дека е прва по 28 години, е „важен доказ за надградбата на односите на Кипар со САД“.

Мицотакис попладнево во Атина ќе се сретне со Христодулидис. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан