Мицотакис и Тасулас изразија надеж дека ќе преовлада логиката во односите ЕУ - САД
- Не треба да имаме илузии, во овој момент се оспоруваат основните константи врз кои беа изградени повоениот мир и просперитетот. И сметам дека во овие моменти на предизвик, пред сè, треба да преовладаат логиката, дијалогот и отворените канали на комуникација со цел да се избегне најлошото, особено кога станува збор за односите меѓу Европа, Европската Унија и САД, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Грција, Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 20 јануари 2026 (МИА) - Не треба да имаме илузии, во овој момент се оспоруваат основни константи врз кои беа изградени повоениот мир и просперитетот. И сметам дека во овие моменти на предизвик, пред сè, треба да преовладаат логиката, дијалогот и отворените канали на комуникација со цел да се избегне најлошото, особено кога станува збор за односите меѓу Европа, Европската Унија и САД, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Грција, Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека Грција е земја која има стратешки односи со САД, земја членка на ЕУ и земја што учествува како непостојана членка на Советот за безбедност и „земја што се залагала за одбрана на мултилатерализмот и на меѓународното право како единствена референтна точка за решавање на меѓународните спорови и нема да отстапи од оваа позиција“.
Во исто време, нагласи дека во оваа сложена меѓународна средина, пред сè, треба да бидат интересите на земјата.
- Сакам да се надевам, како што реков и претходно, дека во односите меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави на крајот ќе надвладее логиката, дека нема да направиме чекор од кој нема враќање во однос на потезите што би можеле да се преземат, од кои нема лесно враќање назад. Тоа се прашањата за кои ќе имаме можност да разговараме и во Давос и во Брисел - рече Мицотакис, кој во следните денови ќе учествува на Европскиот совет и на Економскиот форум во Давос.
Грчкиот претседател посочи дека очигледно е оти Грција не сака да ги наруши односите со Америка, „но и исто така е очигледно, како што наведува и член 2 од нашиот Устав, дека Грција ги следи правилата на меѓународното право и се залага за зацврстување на мирот, правдата и пријателството меѓу народите“.
Додаде дека Европа треба да изрази цврста поддршка на континуитетот на евро-атлантските односи, односно поддршка на блиските односи меѓу евро-атлантските држави.
- Сигурен сум дека и во Давос, особено во економскиот дел, но и на Европскиот совет, Грција ќе испрати сигнал дека иако односите со Америка не треба да се нарушат, Европа не може да се откаже од целата структура што беше создадена и важи во последните децении, врз која го изградивме нашиот начин на живеење, и една животна филозофија, која мора да продолжи. И сигурен сум, како што рековте и вие, дека на крајот ќе преовлада логиката и дека нема да се направи скок во празнина, кој би имал непредвидливи последици - посочи Тасулас. ср/сд/
Фото: Кабинет на грчкиот премие