• среда, 25 декември 2024

Мицотакис денеска на средби со државниот врв на Кина

Мицотакис денеска на средби со државниот врв на Кина

Атина, 3 ноември 2023 (МИА) – За билатералната соработка и трговските односи, темите од регионален и меѓународен интерес, како и за случувањата на Блискиот Исток и во Украина, се очекува да разговара грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбите во Пекинг со кинескиот претседател Си Џинпинг, со премиерот Ли Чианг и претседателот на Националниот народен конгрес Жао Леџи, јави дописничката на МИА од Атина. 

Мицотакис од вчера е во официјална посета на Кина, го посети Забранетиот град, а за денеска се закажани средбите со државниот врв.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека посетата била планирана долго време и се очекува да биде можност да се разговара за прашања поврзани со билатералната соработка, како и за теми од регионален и меѓународен интерес.

-Грција настојува да ги зајакне билатералните трговски односи, туристичките односи и да го зголеми грчкиот извоз во Кина, особено во земјоделскиот сектор и стандардизираните производи. Се очекува да се разговара и за случувањата на Блискиот Исток и за последните случувања во Украина. Кина како членка на Советот за безбедност на ОН може да игра важна улога во регионалните и меѓународните безбедносни прашања и во одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, рече Маринакис.

Додаде дека позицијата на Грција е дека се неопходни отворени канали на комуникација со Кина и соработка за справување со глобалните предизвици, како што се климатските промени, за односите да бидат конструктивни и заемно корисни.

Дополнително, потсети дека веќе две од најголемите кинески рејтинг агенции го надградија кредитниот рејтинг на Грција на инвестициски степен. ср/sd/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан