• среда, 27 ноември 2024

Мицотакис: Грција може да стане природна влезна точка за енергија од југ кон север

Мицотакис: Грција може да стане природна влезна точка за енергија од југ кон север

Атина, 11 април 2024 (МИА) – Можноста преку Грција да се отвори јужен коридор за железничко, патно или енергетско поврзување на југот со северот, ја истакнал грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при пристигнувањето на Самитот на Иницијативата Три мориња, што се одржува во Вилнус, јави дописничката на МИА од Атина.

Дел од Иницијативата Три мориња, која исто така е позната под името Иницијатива на Балтичкото, Јадранското и Црното море, се 13 земји, а две имаат статус на партнери учеснички, додека пак Грција се приклучи лани.

Мицотакис посочи дека ова е прва можност да ја претставува Грција на состанокот, „што се одржува во време на големи геополитички турбуленции во Европа“.

- Грција може на значителен степен да придонесе во Иницијативата Три мориња со отворање на јужната рута на поврзување, без разлика дали тоа се однесува на железничкото и патното поврзување или се однесува на енергетиката, бидејќи можеме да станеме природна влезна точка од југ кон север за енергија – било да е тоа природен гас или за енергија од обновливи извори, истакна Мицотакис.

Паралелно додаде дека поради географската положба на Грција и фактот што земјата веќе е членка на Иницијативата, „би било оправдано преименувањето на Иницијативата Три мориња во Иницијатива Четири мориња, бидејќи го отвора јужниот коридор кон Егејското Море“.

На маргините на Самитот, Мицотакис се сретна со украинскиот премиер Володимир Зеленски. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан