• среда, 25 декември 2024

Мицотакис: Вонинституционални центри сакаат премиер под притисок и укотвена влада

Мицотакис: Вонинституционални центри сакаат премиер под притисок и укотвена влада
Атина, 15 ноември 2022 (МИА) – Драстичната модернизација на државата на која работиме им пречи на многумина, а целокупната динамика на земјата им ја лиши силата на приватните интереси кои некогаш вонинституционално влијаеја на текот на земјата. Овие центри многу би сакале премиер под притисок и укотвена влада, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи на состанокот на политичкиот комитет на Нова демократија и додаде дека некои веќе ги покажуваат забите, но тие не се плашат, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис ја обвини опозициската СИРИЗА дека веќе ја „труе предизборната клима“, а за прислушувањата „свесно ги мешаат легалните следења од државна безбедносна служба со малициозен софтвер што секој може да го користи и кој е проблем со кој се соочуваат сите европски земји“. - За која работа се обидуваат да убедат? Дека лично јас немав друга работа освен да ги слушам моите министри, нивните сопруги, мојата секретарка, актери? А не моите политички противници? Секако, се повикуваат на листи на наводни жртви, но без да презентираат ни најмал доказ. Со други зборови: јас те клеветам, а ти докажи дека мојата клевета не е валидна, истакна Мицотакис. Потенцираше дека целиот случај е во рацете на правдата и потребно е целосно да се расчисти и уште еднаш повтори дека Грција ќе биде првата земја која „јасно ќе забрани трговија, употреба и дистрибуција на малициозни софтвери на нејзина територија“. Потсети дека софтверот Пегасус во Грција бил активен најмалку од 2016 година, но и дека во тој период има основани сомнежи дека и неговиот телефон, како и телефоните на неговото семејство биле прислушувани. За односите со Турција, грчкиот премиер рече дека „Ердоган не крие дека преферира да го има Ципрас наспроти него“, но го има Мицотакис, „затоа што тоа го избра грчкиот народ“ и повтори дека е отворен за секаква дискусија „што се заснова на меѓународното законодавство“. ср/паг/

Остани поврзан