• петок, 23 август 2024

Мицкоски ќе ги замоли советниците од ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат програмите што ги бара Арсовска

Мицкоски ќе ги замоли советниците од ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат програмите што ги бара Арсовска

Скопје, 22 август 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ќе ги замоли советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата  на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат програмите за кои градоначалничката Данела Арсовска тврди дека ги блокираат, но смета дека тоа нема ништо да смени.

- Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат програмите, но, не е до програмите, ќе видите веднаш, рече Мицкоски на новинарско прашање. 

Посочи дека на 29 август ќе има седница и оти ќе направат се што е до нив, за да, како што рече, не биде дека ВМРО-ДПМНЕ кочи. 

Арсовска претходно изјави дека на средбата со Мицкоски за состојбите во главниот град и било кажано дека долгот на Владата од осум милиони евра за бесплатниот студентски превоз што го реализира ЈСП Скопје би се исплатил со ребаланост преку повлекување на средства за изградба на нов булевар во Визбегово, но премиерот рече дека„ тоа не е баш така како што било соопштено од градоначалничката.

За барањето за подмирување на долгот се осврна и министерката за образование и наука Весна Јаневска која информираше дека до МОН пристигнале фактури за огромни средства за кои Град Скопје тврди дека Министерството е должно да ги исплати заради бесплатниот превоз на студентите, но, како што вели Јаневска, нема ниту спогодба, ниту основа за тоа. 

- Не знам дали градоначалничката планира со други средства да го исплаќа долгот. Точно е тоа дека до МОН пристигнаа фактури за огромни средства за кои Град Скопје тврди дека ние сме должни да ги исплатиме заради бесплатниот превоз на студентите. Ние немаме ниту спогодба со ЈСП, ниту со Град Скопје и како министер немам основа за исплата на тие средства. Доколку не се најде некакво поинакво решение за овие средства ќе мора да одиме на суд. Ниту јас, ниту оваа Влада е таа која ветуваше бесплатен превоз, рече Јаневска. лв/бак/

фото: МИА архива 

 

Остани поврзан