• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски со честитка по повод празникот Свети Сава

Мицкоски со честитка по повод празникот Свети Сава
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска упати честитка до граѓаните припадници на српската етничка заедница по повод празникот Свети Сава. - Дозволете ми во мое лично име и во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија припадници на српската етничка заедница да им го честитам празникот Свети Сава. Големиот светител има дадено огромен и непроценлив придонес за културата на Србите, а неговото дело за ширењето на писменоста и христијанството оставил траен белег, се вели во честитката. Србите во земјава, додава Мицкоски, се дел од културниот, јазичниот и општествениот мозаик на нашата земја, кои придонесувале и придонесуваат кон изградбата на заедничката иднина. - Духовните мостови помеѓу народите најдобро се симболизираат преку взаемната почит и соработка, а одбележувањето на ваквите празници овозможува продолжување на традицијата на заедничка доверба и негување на културни особености и обичаи. Македонија е горда на својата вековна историја на соживот и разбирање и тоа е нашиот темел за иднината. Само обединети можеме да ги надминуваме сите предизвици. Само сплотени можеме да ги решаваме сите проблеми кои не тиштат, без разлика на нашата верска и етничка припадност. Само заедно можеме да направиме подобра денешница и уште подобро утре. Ви посакувам празничните мигови да ги поминете во радост, благосостојба и добро здравје. Нека е честит празникот Свети Сава!, наведува Мицкоски во честитката. мс/дма/        

Остани поврзан