• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Светите Кирил и Методиј да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление

Мицкоски: Светите Кирил и Методиј да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление

Охрид, 24 мај 2023 (МИА) - Пред повеќе од еден милениум, Светите Кирил и Методиј на светот му ја носеа писменоста. Денес ние на Македонија мораме да и ја донесеме иднината која овој народ ја заслужува и му е неопходна, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената церемонија во црквата Св. Софија, по повод Денот на сесловенските просветители -24 Мај.

Мицкоски истакна дека Светите браќа Кирил и Методиј се нашата светлина, прозорец кон светот и непроценливо богатство кое со голема надеж и со огромна волја го предаваме на човештвото. Тоа се, посочи, добротворите на најсилното оружје кое еден народ може да го има во своите раце - писменоста, како средство за борба против незнаењето, словото како светлина која овозможува народите да прогледаат и да застанат на свои нозе, и да ја осознаат и ценат својата самобитност.

Според Мицкоски, Свети Кирил и Методиј оставиле дело кое не само што е пред времето, туку еден милениум подоцна го победува времето и останува да свети пред луѓето.

За Мицкоски е беспредметна, многу ограничена и несуштинска дебатата чии се Светите браќа Кирил и Методиј.

-Тие му припаѓаат на цивилизираниот свет, и ние како нивна колевка, како и земја и народ од кој потекнува тоа семе, овие просветители целосно се согласуваме да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление, рече Мицкоски.

Тој не се согласува, како што рече, со ирационалноста на политиката на источниот сосед кој негира секаква наша поврзаност со овие свети браќа и нашето човечко и цивилизациско право да се потпираме на нивното дело и да полагаме право на нивното наследство.

- И во тие нивни негаторски политики не само што нема никаква историска поткрепа, туку се повеќе станува очигледно дека нема темел на кој се потпира оваа Македонија и народ кој не сакаат силно да го затресат, посочи Мицкоски, наведувајќи и дека  „нашите првенци од власта остануваа молчаливи во однос на многу отровни стрели и пропагандни пораки на источниот сосед“. 

Осврнувајќи се на состојбите во државата, повторно повика на единство на народот и национално обединување и порача дека секој треба да даде максимум за да се изгради нова подобра иднина за сите во државава, како и дека мора да сфатиме дека нема такво моќно оружје во светот како што е борбата за економска обнова, културен развој и технолошки напредок.  

-А сето ова зависи од волјата на слободните мажи и жени, од луѓето на Македонија. Тоа е нешто што ние како народ и држава го поседуваме, но треба да дојдат одговорни луѓе кои ќе дадат шанса на огромното мнозинство кое го носи тој потенцијал. Пред повеќе од еден милениум, Светите Кирил и Методиј на светот  му ја носеа писменоста. Денес ние на Македонија мораме да и ја донесеме иднината која овој народ ја заслужува и му е неопходна. Лошата вест е што врхушката на општеството е фрагментирана и драматично поделена за сите прашања и теми за кои мора да постои единство. Сите мои предупредувања и повици за национално единство за важните теми за Македонците за жал се одбиени од другата страна, а кога постои неединство, тие кои го сакаат туѓото, единствено ја користат таквата необединетост, наведе Мицкоски. 

Кога нема мудрост и разбирање за национално единство кај носителите на власта,  дополни тој, тогаш јас повикувам на единство на народот и национално обединување.   И воедно ние како политичка партија и јас лично ја прифаќаме улогата да бидеме на браникот пред сите налети на национално обезличување, опустошување и обезличување.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ упати порака и дека македонскиот јазик е нашата суштина, на кој растеле нашите баби дедовци, мајки и татковци, ние и нашите деца, на кој се раскажува нашата историја, нашата приказна во светот, како и нашиот идентитет. 

Порача и дека „нема лева или десна туку дека постои само една Македонија. Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство. Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме, рече Мицксоки. 

Поддржувам непромена на уставот на МПЦ-ОА и силно поддржувам секоја понатамошна одлука која ќе значи потврда и зачувување на македонскиот идентитетски предзнак во суштествувањето на нашата црква. 

Мицкоски повика и за национално обединување и силна поддршка за Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија и оцени дека одлуката за канонско единство со останатите православни цркви е една од најсветлите одлуки важна за нашата црква и македонскиот идентитет и тоа најмногу е заслуга на МПЦ-ОА.

-Сакам во овој момент да ја дадам мојата целосна поддршка за нашата Света Македонска Православна Црква - Охридската Архиепископија. Нашата црква низ вековите била и остана еден од најсуштествените столбови за опстојување на народот. Секогаш таа била засолниште за сите премрежија низ која минувале луѓето низ вековите, а нашиот народ не престана да верува во Бога и да се моли на Бога, посочи Мицкоски.

Во однос на последните случувања и исчекувањето на добивањето на Томосот за автокефалност, Мицкоски додаде дека тој лично поддржува единствено само непромена на уставот на МПЦ-ОА, под  каков било предизвик и под какви било уцени, при што не смее да има промена на уставот.

-Воедно сите оние кои на некој начин сакаат да го тестираат единството во нашата Свети Климентова црква, како и да вметнуваат некакви зрна на сомнеж, нека ги погледнат преполните цркви, преполните манастири како најдобар доказ за живоста на нашата црква и нејзината сила и свесноста на верниците за предизвиците кои се случуваат. Некогаш молкот кој се случува за некои работи не е порака за согласност, туку одбивање да се влегува во плановите на оние кои го нарушуваат единството. И во поглед на актуелностите и случувањата, потенцирам во поглед на актуелностите и случувањата, јас поддржувам единствено непромена на уставот на Македонската Православна Црква – Охридска Архепикопија, под било каков предизвик и под било какви уцени, не смее да има промена на уставот на МПЦ-ОА, истакна Мицкоски.

 Верува, како што дополни, дека Синодот и поглаварот на МПЦ-ОА ќе донесат одлука која ќе значи потврда и зачувување на македонскиот идентитетски предзнак во суштествувањето на нашата црква.

Силно ја поддржувам секоја понатамошна одлука која ќе значи потврда и зачувување на македонскиот идентитетски предзнак во суштествувањето на нашата црква, додаде Мицкоски.

Активностите што ги најави ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на сесловенските просветители претпладне стартуваа со отворање изложба на ракописи од глаголско и кирилско писмо во дворот на црквата Св. Софија,  а попладне  ќе се одржи трибина за делото на Св. Кирил и Методиј во Долни Сарај. лв/ев/

 

 

Остани поврзан