Мицкоски по повод Денот на Ромите: Ова не е ден само на зборови, туку и на одлуки, нашата визија почнува со образование што ќе биде достапно за секое ромско дете
- - Денес, стоиме овде, во домот на демократијата, обединети за една вредност, која е поголема од секоја политика, секоја партија и секој дневен интерес - вредноста на човечкото достоинство. Светскиот ден на Ромите не е само ден на одбележување. Тоа е ден на потсетување. Потсетување дека зад секоја статистика стои човек. Дека зад секоја бројка стои приказна. Дека зад секој предизвик стои надеж која чека да биде препознаена и поддржана. Ромската заедница е дел од нашата историја, дел од нашата култура и дел од нашата иднина. Таа не е „друга“, таа е наша. Таа е дел од ткивото на оваа држава – од маалото, од улицата, од домот, рече премиерот.
Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Светскиот ден на Ромите не е само ден на одбележување, туку и на потсетување дека вредноста на човечкото достоинство е поголема од сите. Ова не е ден само на зборови, туку и на одлуки за визија и храброст. Затоа нашата визија почнува токму тука - со образование што ќе биде достапно за секое ромско дете. Со училишта во кои нема да постои поделба, туку можност. Со систем што не прави разлика, туку отвора врати - нагласи премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на настанот „Од невидливост кон еднаквост - одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница“, што се одржа во Собранието по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април.
- Денес, стоиме овде, во домот на демократијата, обединети за една вредност, која е поголема од секоја политика, секоја партија и секој дневен интерес - вредноста на човечкото достоинство. Светскиот ден на Ромите не е само ден на одбележување. Тоа е ден на потсетување. Потсетување дека зад секоја статистика стои човек, дека зад секоја бројка стои приказна, дека зад секој предизвик стои надеж, која чека да биде препознаена и поддржана. Ромската заедница е дел од нашата историја, дел од нашата култура и дел од нашата иднина. Таа не е „друга“, таа е наша. Таа е дел од ткивото на оваа држава - од маалото, од улицата, од домот - рече премиерот.
Мицкоски посочи дека мора искрено сите да признаеме дека постојат предизвици, постојат бариери, но и неправди што предолго траат.
- И токму затоа, ова не е ден само за зборови - ова е ден за одлуки, за визија и храброст. Како што рекол Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“. Затоа нашата визија почнува токму тука - со образование што ќе биде достапно за секое ромско дете. Со училишта во кои нема да постои поделба, туку можност. Со систем што не прави разлика, туку отвора врати. Со наставници што ќе препознаваат потенцијал, а не предрасуди. Затоа што секое дете, без разлика каде е родено, има право да сонува големи соништа. И наша обврска е тие соништа да не останат само соништа - туку да станат реалност - посочи Мицкоски.
Премиерот потенцира дека интеграцијата не значи асимилација, туку значи еднаквост, правичност и таа значи можност секој човек да ја реализира својата вредност.
- И тука сакам јасно да потенцирам: оваа Влада не зборува само за интеграција - оваа Влада активно работи на интеграција. Работиме на политики што носат реални резултати. Работиме на подобар пристап до образование преку стипендии, поддршка за ученици и студенти и намалување на раното напуштање на училиштата. Работиме на вклучување на Ромите на пазарот на труд преку активни мерки за вработување, преквалификација и поддршка на малите бизниси. Работиме на подобрување на условите за живеење преку инвестиции во инфраструктура, домување, водоснабдување, канализација и пристап до основни услуги онаму каде што со години било запоставено - посочи Мицкоски.

Тој нагласи дека работат и на нешто поважно, а тоа е уривање на невидливите бариери и на промена на перцепцијата и на создавање општество во кое никој нема да биде однапред осуден поради она што е.
- Ова не се ветувања. Ова се чекори. Конкретни, мерливи и насочени кон една цел - вистинска еднаквост. Но, дозволете ми, покрај институционалната обврска, да споделам и нешто лично. Јас длабоко верувам дека најголемата сила на една држава не се нејзините институции, не се нејзините закони, туку нејзините луѓе. Човекот. Неговото достоинство. Неговата приказна. Неговата борба. Сум видел како луѓе кои немаат ништо – имаат најмногу. Имаат срце. Имаат чест. Имаат желба да создадат подобар живот за своите деца. И тоа е нешто што не смее да се игнорира, ниту да се потцени. Затоа за мене, човекот е мерка за сè. Не функцијата, не позицијата, не богатството – туку човекот. Неговата вредност, потенцира Мицкоски.
Премиерот истакна дека неговата почит кон секој е безусловна и оти таа не зависи од тоа кој е, од каде доаѓа или како се вика и произлегува од едно убедување – дека секој човек заслужува шанса, заслужува почит и заслужува достоинствен живот.
- И кога ќе ја оттурнеме етикетата, кога ќе ги оттурнеме предрасудите, кога ќе го тргнеме товарот на историјата – останува само едно: човекот. Со своите соништа, со своите надежи, со својата борба. Како што кажал Мартин Лутер Кинг: „Неправдата било каде е закана за правдата насекаде.“ Оваа мисла не е само цитат. Таа е опомена. Таа е огледало во кое треба да се погледнеме. Таа е повик да не молчиме кога некој е неправедно третиран. Да не се повлекуваме кога треба да застанеме во одбрана на правдата, заклучи премиерот во своето обраќање по повод Меѓународниот ден на Ромите 8 Април. нд/паг/
фото; МИА