• петок, 15 ноември 2024

Мицкоски: Почнува обновата, секој што сторил криминал ќе одговара

Мицкоски: Почнува обновата, секој што сторил криминал ќе одговара
Кавадарци, 26 јуни 2020 (МИА) - Гласајте  за историски најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, порача вечерва од Кавадарци Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. -Петнаесетти јули е денот кога масовно и гласно позади гласачкиот параван треба да зборуваме, да викаме од нашите грла најсилно што може, заокружувајќи го бројот 14 за историски најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија, рече Мицкоски. Говорејќи пред присутните, тој меѓу другото се осврна и на тагата кај луѓето на кои блиски им заминале, а тие изгубиле верба во политичарите и системот. - Ние ги убедуваме дека не се сите исти и дека најдоброто допрва доаѓа, нагласи Мицкоски. Рече дека напорно работеле во изминатиот период за да победат на овие избори. -Народот е со нас и со нашата коалиција. Победата треба да биде историски најголема, додаде Мицкоски. Критикувајќи ги политичките противници и нивните претходни ветувања во различни сфери, меѓу кои и земјоделството, тој упати и критики за начинот за справување со пандемијата од Ковид-19. Говореше за програмата, која, како што рече, ги опфаќа сите граѓани. Вети чесна работа, повисок стандард за вработените и пензионерите, подобри услови за вработувања, патишта, поквалитетно образование, враќање на оние кои заминале во странство, стимул за претприемачите, намалување на царинските давачки, враќање на животот. Тој порача дека правда и почитување на законите мора да има. Македонскиот јазик, нагласи, не е предмет за преговарање. - Еве што ние ќе направиме кога ќе ја предводиме Владата. Ние нема да чекаме три години. Ветувам дека ние во првите шест месеци секаде каде што има основа за сторени криминал и корупција, ќе се одговара, порача Мицкоски. Најмалку 640 милиони евра субвенции во еден мандат за земјоделците, редовен пласман на родот, вети Мицкоски од Кавадарци. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во изборна единица 4, Александар  Николоски рече дека успеале да се изборат за здравствени протоколи за безбедно гласање. Повика на масовно гласање, за да може по изборите,,да започне обновата”. Нагласи дека овие избори се пресудни. Изрази увереност во голема победа и голем успех во сите сфери на животот во иднина. -За да спасат колку можат од нечија кариера, инсистираа на избори среде пандемија, но работите на терен кажуваат дека ќе ги губат изборите. Кавадарци е бастион на ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе се докаже, рече Слободан Ивановски, кандидат за пратеник од Кавадарци. Зоран Јованчев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник, рече дека носителот на листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, ,,на гостински терен убедливо ќе го победи Зоран Заев на изборите”.свд/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан