Мицкоски: Пописот е за резидентно население, ќе признаеме само такви резултати
- ВМРО-ДПМНЕ ќе признае попис на резидентно население кое е во Македонија меѓу 5 и 30 септември, останатото е евидентирање диајспора. Тоа е наша позиција и сега, и во иднина, рече претседателот
Скопје, 1 април 2021 (МИА) – ВМРО ДПМНЕ ќе признае попис на резидентно население кое е во Македонија меѓу 5 и 30 септември, останатото е евидентирање диајспора. Тоа е наша позиција и сега, и во иднина, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 опозицискиот лидер додаде дека иселениците со македонско државјанство не треба да се попишуваат, но кога се работи за избори имаат право да гласаат.
- Но пописот е нешто друго. Оние што пријавиле живеалиште во други држави се попишани во други држави и не можеме да ги попишуваме 13 пати. Такви резултати нема да прифатиме. И според методологијата на Еуростат се знае што значи евиденција на дијаспора, а точно што е попис на резидентно население и домаќинства, рече Мицкоски.
На тет-а-тет средбата со Зоран Заев рече се согласиле за очитувачи на прст заради поголема доверба за „еден човек – еден глас“, предложил избор на градоначалник во прв круг и да се зголеми обемот на гласање на дијаспортата – наместо во ДКП-та побарал да има поголем број избирачки места за да не патуваат со километри, со што ќе има и поголемо учество на дијапората на изборите.
Во однос на блокадата на Собранието во донесувањето на петтиот пакет мерки, Мицкоски рече дека не блокирале ВМРО-ДПМНЕ и дека во иднина ќе ги поддржат сите реформски закони за поддршка на стопанство, борбата со пандемијата, но дека се мора да произлезе од дијалог меѓу власта и опозицијата, не само од нивната коалиција „За обнова на Македонија“, туку и со другите опозициски партии.
Дали ќе се формира ново параламентарно мнозинство, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека имал средби и разговори со осумдесетина пратеници во Собранието од СДСМ, од ДУИ и од други нивни коалициски партнери.
- Генерално се незадоволни и најголемиот дел од нив се чувствуваат измамени и некомотни во коалицијата со Зоран Заев. Немаме полн договор за идни активности. Добредојдени се сите што ќе поддржат опозициски фронт. Не сме се откажале од нашата намера да формираме ново парламентарно мнозинство кое ќе ja води многу подобро државата споредбено со ова парламентарно мнозинство, рече Мицкоски, според кого сите опции се отворени, меѓу кои и парламентарни избори со локалните во октомври или предвремени паралментарни напролет. хс/скс/