• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Подобра иднина и поголем стандард на Ромите и за сите граѓани

Мицкоски: Подобра иднина и поголем стандард на Ромите и за сите граѓани
Скопје, 8 април 2022 Дозволете ми во мое име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите припадници на ромската етничка заедница да им го честитам меѓународниот ден на Ромите, 8 април. Ромите биле, се и ќе бидат нераскинлив дел од нашата заедничка судбина. ВМРО-ДПМНЕ изразува почит кон ромската заедница и овие зборови ние сме ги потврдиле на дело кога ја имавме можноста и одговорноста да управуваме со земјата. И секако се поставува прашањето дали тоа е доволно? Би рекол не, воопшто не е доволно. За жал Ромите денес се соочуваат со неправди, дискриминација и големо ниво на сиромаштија. Јас одбивам да ги делам луѓето, по било каква основа. Јас одбивам да ги гледам луѓето низ призмата на квоти и бројки. И Македонците и Ромите и Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, сите се еднакви, и треба да имаат подеднакви права, обврски и можности. За мене Ромите се граѓани на Македонија кои мораат да имаат како и секој друг човек подобар живот и подобар стандард. Живееме во тешки времиња на кризи кои поради неспособноста и неодговорноста на политичката елита народот осиромашува, а за жал Ромите тоа можеби најмногу го чувствуваат. Мојот народ во Македонија, Македонците, Ромите и сите, доведени се до гола егзистенција. Паричниците ни стануваат се потенки и потенки, во маркетите се води борба за шише зејтин, за пакетче брашно, месеците едвај се врзуваат крај со крај. Тоа не е и не смее да биде нашето секојдневие. Еден мој познаник, Ром, ми вели Христијан борбата против сиромаштијата е битка која мора да ја водиме сите заедно, јас ќе надополнам солидарно и силно, затоа што кога страда мојот брат, мојата сестра, сосед и пријател, страдам и јас. Просперитетот е нашата цел и колку попросперитетни луѓе има една земја, толку и самата е побогата. Јас познавам многу Роми кои имаат капацитет и пред се љубов кон својата татковина Македонија и кои треба да бидат вклучени во таа борба, но не само затоа што се Роми, туку затоа што се луѓе со желба, знаење и сила да направат промена кон подобро, да бидат промените кои носат подобра иднина. Тоа е мојот сон, тоа е мојот поттик да се борам за секој еден човек да живее во Македонија со достоинствена живеачка, со плата со која нема само да го прехранува своето семејство, туку плата која што ќе му овозможи удобен живот. Мојот поттик е да изградиме образование кое ќе дава можности на сите, здравство кое ќе биде достапно и квалитетно. Мојот поттик е да создадеме заедно општество во кое сите ќе бидеме еднакви, побогати и посреќни тука во Македонија. Ова не е само битка на Ромите, сметајте дека ова е моја битка заедно со вас. На крајот, ако на светскиот конгрес на Ромите беше решено денешниот датум да се прославува како Меѓународниот ден на Ромите да направиме и да прогласиме целосна интеграција, да имаме декада на прогресот кон подобро, подобро за стандардот на Ромите, но и на сите останати граѓани на Македонија. Борбата е тешка, но заедно ќе успееме. Да сте ми живи и здрави, Нека е честит празникот, И да живее Македонија! Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки. https://www.youtube.com/watch?v=JC9QdY7lTaE

Остани поврзан