• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Очекувам дека сите пратеници безусловно ќе гласаме за законот за локална самоуправа

Мицкоски: Очекувам дека сите пратеници безусловно ќе гласаме за законот за локална самоуправа

Скопје, 16 јуни 2024 (МИА) – Мандатарот за формирање влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање за измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува да нема предвремени избори во општините чии градоначалници ќе преминат во извршната власт, рече дека очекува безусловна поддршка од сите политички партии да дадат безусловна поддршка. Посочи дека иако на ВМРО-ДПМНЕ политички му одговара да се одржат избори, тоа не треба да биде начин на којшто ќе се однесуваат политичарите.

– Законот е доставен во Парламентот, очекувам дека сите пратеници безусловно ќе го гласаме, затоа што, иако на ВМРО-ДПМНЕ политички сега му одговара да има избори, ние сакаме да бидеме влада која што ќе биде одговорна и нема да има двојни аршини или двојни стандарди. Цениме дека не треба дополнително да се трошат парите на граѓаните, тие избори во некои општини можеби би чинеле милион евра. Тоа се пари со кои можеме да направиме некој булевар, градинка, да реновираме некое училиште, наместо со нашите политички игри да ги малтретираме граѓаните во ноември и декември еднаш, па догодина во септември и октомври уште еднаш, рече Мицкоски, кој вечерва ги соопшти 15. кандидати за членови на владата од коалицијата „Твоја Македонија“, меѓу кои и актуелниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. 

Во коментар на објавите дека министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи пред завршување на мандатот потпишал решение со кое ТВ водителката Бесмира Ејупи ја испратил на испомош во конзулатот во Бон, Германија, Мицкоски истакна дека праксата на злоупотреба и неказнивост мора да престане.

– Сето она кое што ќе биде констатирано како незаконско, надвор од процедурите, не само што ќе биде корегирано, туку тие што тоа го сториле ќе се соочат со законски последици. Мора да престане праксата на злоупотреба и неказнивост, мораме да имаме влада која што ќе биде одговорна и сите девијантни однесувања, не само во минатото и доколку сега се појават, ќе бидат жестоко санкционирани, рече Мицкоски.

Идната влада ќе ја сочинуваат Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ за наша Македонија. Предлог составот и програмата на владата Мицксоки ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан