Мицкоски: Отворањето на македонскиот клуб во Благоевград е одлична можност за обединување
- Отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е одлична можност државниот врв да се обедини и да дојде заедно со мене таму, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) - Отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е одлична можност државниот врв да се обедини и да дојде заедно со мене таму, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за порталот А1 ОН.
Мицкоски потенцираше клубот во Благоевград, што ќе биде отворен в недела, го носи името на историски лик кој што обединува, за разлика од имињата на бугарските културни центри, чии имиња се на докажани бугарски фашистички соработници.
- Не може Бугарија ова да го сфати како провокација, бидејќи ние не отвораме културен македонски центар, кој што има име на докажан фашистички соработник. Македонскиот народ е антифашистички и така ја создал својата држава на основа на борба против фашизмот. И тие две работи не може една со друга да се спојат, изјави Мицкоски.
Според него, ние не го негираме идентитетот на Бугарите, туку Бугарија го негира нашиот и тука има суштинска разлика.
- Ако ние го негираме идентитетот на Бугарите и велевме тие се Македонци, тогаш можеби и би имало некаков знак на равенство. Но, ние едноставно одиме да си ги поддржиме нашите луѓе, да им подадеме рака и да им кажеме не сте сами луѓе, ние сме заедно со вас, без каков било обид за мешање во внатрешните работи кај нашиот источен сосед. Едноставно да го испочитуваме нашето, а така го почитуваме и туѓото, вели Мицкоски.
Тој уште еднаш го потврди ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека партијата нема да поддржи уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, доколку не се добијат цврсти гаранции од страна на Европската Унија за македонскиот идентитет во кој што е содржан јазикот и за тоа дека билатералните прашања нема веќе да бидат можност за ново вето се додека земјава не стане членка на ЕУ.
Според Мицкоски, во сегашните околности и услови ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промени на Уставот.
- Јас сум кажал уште во февруари месец оваа година, потребни се гаранции и тоа две суштински гаранции се битни, за нашиот македонски идентитет во кој што е содржан јазикот и за тоа кое што цело време не убедуваа дека билатералните прашања нема веќе да бидат можност за некој да стави вето се додека Македонија не стане членка на Европската Унија, истакна Мицкоски.
Прашан дали знае некоја друга земја што има добиено вакви писмени гаранции, Мицкоски одговори дека не познава друга европска земја освен нашата која во преговарачката рамка „има содржано билатерален договор“.
- Јас не знам друга европска земја во која што во преговарачката рамка има билатерални договори, која што е дел од Европската Унија, е бидејќи ние сме посебен случај тогаш посебно и ќе се однесуваме, изјави Мицкоски.
Говорејќи за економската и енергетската криза, Мицкоски во интервјуто нагласи дека енергетската криза прераснала во општа економска криза, бидејќи граѓаните кога пазаруваат можат да забележат како се намалува кошницата и дека порано за 1000 денари можело да се купат многу повеќе прехранбени производи.
- Доволно е да се појде во продавница, не за да се купи тост, туку да се појде до продавница и да се испазаруваат основни прехранбени производи. Порано со 1.000 денари можеше да се купи многу повеќе, можеби два пати повеќе производи отколку сега, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека не очекува претстојнава зима да има рестрикции на електричната енергија.
- Би советувал да не се прават рестрикции, бидејќи најавената рестрикција во одредено место за тие два или три часа само ќе ја помести потрошувачката на електричната енергија, смета Мицкоски. сп/