• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски на разговори со лидери од сестринските партии од регионот и Европа: Опозицијата ќе побара поддршка за одблокирање на патот кон ЕУ

Мицкоски на разговори со лидери од сестринските партии од регионот и Европа: Опозицијата ќе побара поддршка за одблокирање на патот кон ЕУ
Скопје, 18 јануари 2021 (МИА) - Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски ќе отпатува на средби со политичари од регионот и Европа. Во разговор за Дојче Веле, Мицкоски вели дека се работи за една „мини дипломатска офанзива“, која освен Будимпешта и Љубљана ќе го вклучи и Загреб, а сите посети се поврзани со сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Европската народна партија, но воедно тоа се и владејачки партии во своите земји. -Заедничко е тоа што на овие средби отворено ќе разговараме за блокираната европска перспектива на Македонија и можноста тие да помогнат во насока на придвижување кон европската иднина. Независно што ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, сметам дека треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на ЕУ, рече, меѓу другото, Мицкоски. Втората опција, како што посочува е да не чекаат, да тропнат на вратите што можат да ги отворат, и да побараат поддршка за она што е заедничка стратегиска цел, а тоа е одблокирање на патот кон ЕУ. -Притоа мораме да бидеме свесни дека сериозно како држава заостануваме во многу реформи. Четири години власта е во рацете на Заев, и четири години имаме тапкање во место, додека регионот и светот има достигнувања и напредоци. Нема време за губење. Ќе имам средба со Виктор Орбан кој е голем пријател на Македонија, но воедно, да не заборавиме, тој е и претседател на партијата од која доаѓа и комесарот за проширување Оливер Вархеји. Исто така ќе сретнам со словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој за помалку од шест месеци како шеф на владата во Словенија ќе преседава со Европската Унија. Потоа продолжувам во Загреб, каде ќе имам средби со високи политички преставници од сестринската ХДЗ, која минатата година имаше убедлива победа на изборите, најави лидерот на опозициската партија. Освен за ЕУ и за помошта кои тие може да ја понудат, со нив, како што вели ќе разговара и за искористување на економските потенцијали, бидејќи овие земји успешно се справиле со економските и здравствените последици од кризата со Ковид-19. Мицкоски одговарајќи на прашањето на што ВМРО-ДПМНЕ ги темели тврдењата дека „Заев ветил дека бројката на Албанците во земјава според пописот ќе биде над 32 отсто од населението“, рече дека темата попис власта ја направила политичка и, според него, тоа е последица на две причини. -Првата, поради тоа што не ја вклучи опозицијата на ниту еден начин да учествува во овој процес, туку напротив, ги одби сите наши предлози и суштински амандмани, триесетина на број. И втората причина е тоа што овој процес го турка на сила во услови кога многу поразвиени земји како Германија, Бугарија, Хрватска, Ирска, Шкотска пред се' поради ковид-кризата ги одложија своите пописи. Значи отфрлањето на сите предлози, и нивното насилие како власт, нам ни дава легитимно право да се сомневаме во целите на пописот. И јас тука целосно свесен и за нашата одговорност, би бил многу внимателен во квалификациите и предвидувањата, но можам со сигурност отворено да се сомневам во резултатите на тој попис. И ве уверувам, доколку имаме ваков мафијашки попис, бројките и процентите ќе бидат прашање на декор, рече Мицкоски. Останува на ставот дека доколку законот за попис не биде повлечен и биде донесен во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе почне акција за собирање потписи во подрачните канцеларии на Министерството за правда за носење на закон за укинување на постојниот закон за попис. - Доколку и ова решат да го игнорираат од власта и да ја заобиколат волјата на граѓаните, тогаш јавно и јасно кажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот кој ќе биде очигледен фалсификат, ниту тогаш, ниту во моментот кога ќе ја преземеме власта. И тоа ќе биде најасниот показател за самоволието и политичкиот инженеринг на власта со кој сака да се замолчат граѓаните и нивната волја, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на разговорите со Бугарија, Мицкоски рече дека воведувањето на олеснувачи во разговорите е повеќе од симболично, отколку од суштински карактер и дека она што е важно, е што нашата влада не приоѓа искрено во процесот. -Колку и тие да се обидуваат да кријат од јавноста, сепак останува фактот што го кажав уште пред три месеци - дека во игра е додаток на Договорот со Бугарија, било да го нарекуваат анекс, нов договор или додаток, како сакате, сепак тука се преговара директно за идентитетот. Дека има некаков анекс на Договорот е потврдено од највисоките владини претставници на Бугарија, а ако не е така, тогаш каде е демантот од Владата или нашето МНР? Нема таква работа. Но, она што е позагрижувачки е тоа што Заев по линијата на помал отпор и неговиот свиткан ‘рбет, наместо во позитива да ги смени околностите за Македонија, тој, дознаваме дека сменил член на историската комисија кој преговара со бугарската страна. Оттука, нејасно е дали е тоа поради фактот што историската комисија одбива да ги прифати искривените, и пред се', неточни тврдења на Заев поврзани со историските факти кои се вграден дел од нашиот идентитет, вели Мицкоски. Разговорите, според првиот опозиционер, треба да се препуштат на историските комисии кои треба да работат врз основа на факти, а не врз основа на притисок и врз основа на тоа „Заев да именува и разрешува нејзини членови за да исполнуваат нарачки“. -Политиката треба да биде настрана од овој процес. Доколку во тие разговори се вклучуваат идентитетски прашања поврзани со јазикот, историјата, идентитетот имаме јасен став дека по ниту една цена не треба да се разговара за она што претставува наше идентитетско обележје, рече Мицкоски во разговорот за Дојче Веле. ев/ац/

Остани поврзан