• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: За шест години власта потроши 25 милијарди евра, да ги прашаме граѓаните што направија

Мицкоски: За шест години власта потроши 25 милијарди евра, да ги прашаме граѓаните што направија

Струмица, 17 ноември 2023 (МИА) - За шест години од 2018 година потрошија 25 милијарди евра и еве треба да ги прашаме граѓаните што направија со овие пари. Колку километри автопат направија, освен тоа што беше речиси готово, па го завршија и беше наследено од претходната влада на ВМРО ДПМНЕ, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за буџетот за 2024 година за која Владата вели дека е развоен.

Тој го посочи проектот за автопатот од Кичево до Охрид каде има целосен застој, па како што кажа сега на отворена сцена има политички и криминални калкулантства. Додаде дека најавиле проект и потрошиле повеќе од 200 милиони евра, а буквално ниту една шајка не е закована.

- Но, тоа е што е. Ако биле добри немало да бидат вакви очекувањата од ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада. Ние сме подготвени сериозно да ја трансформираме Македонија, не треба повеќе да жалиме за тоа што се случи изминатите седум години, направија катастрофа и затоа ќе заминат и потоа треба да водат сметка што понатаму со нивната политичка кариера. Потрошија многу пари, но ништо не испорачаа. Се помал е лимитот за изработка на големи и суштински проекти, но ние треба прво основните потреби на граѓаните да ги реализираме, бидејќи тие имаат потреба од елементарни услови за живот и кога тоа ќе го завршиме можеме да зборуваме за нешто поголемо. Да го завршиме тоа што е почнато, кое сега претставуваат многу споменици во државата. Каде и да одите ќе видите споменици од некое време, не споменици како споменици, туку проекти почнати, запуштени-незавршени. Тоа да го завршиме прво и јас ви гарантирам дека луѓето ќе имаат надеж, бидејќи денес ја немаат, истакна Мицкоски.

На новинарско прашање за стандардот на студентите и ветувањата за негово подобрување, Мицкоски рече дека можеби е најповикан да зборува како универзитетски професор бидејќи секојдневно се сретнува со студентите.

- Еве појдете во Скопје, ветуваа дека во Студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе никне Студентски град - ништо нема направено буквално шест години, ниту лопата немаат фрлено. Тоа е што е, ситуацијата е таква каква што е-ќе остават навистина пустош, држава која постепено се празни, разочарани сограѓани кои немаат надеж, луѓе кои се отселуваат, многу криминал, многу корупција, рече во одговорот лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Прашан за денешниот штрајк на УПОЗ пред Владата и дали власта може да одговори на нивните барања, Мицкоски рече дека протестираат земјоделците, протестираат пензионерите, протестираат буквално сите во Македонија.

- Само на еден му е добро, па го гледаме како вчера ги забавува гостите во еден локал во Белград, а тоа е премиерот Ковачевски. Тој си пее, луѓето се мачат, протестираат и резултатот од сето тоа ќе дојде за него на избори. Но, она што е важно дека се што ветија ништо не исполнија. Повторно ќе кажам тоа што е криминал и корупција ќе има одговорност, а за останатото ВМРО ДПМНЕ има јасен план, знаеме што правиме и каде треба да ја водиме Македонија, подвлече Мицкоски. рт/ир

Фото: ВМРО ДПМНЕ

Остани поврзан