• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: До крајот на месецов целосно ќе биде трансфериран заемот од Унгарија

Мицкоски: До крајот на месецов целосно ќе биде трансфериран заемот од Унгарија

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) – Сите формалности за заемот од Унгарија се завршени од наша и од нивна страна, а кај нас поминаа и на владина седница и во Собрание со што очекувам до крајот на месецов средствата од заемот целосно да бидат трансферирани во земјава, истакна вечерва премиерот Христијан Мицкоски.

-Во периодот од 7 до 9 октомври министерската за финансии ќе биде во главниот град на Унгарија каде што официјално ќе биде потпишан заемот и очекувам до крајот на овој месец да биде целосно трансфериран кај нас, а потоа половина од заемот, односно 250 милиони евра ќе бидат ставени на располагање на бизнис заедницата кај нас по истите услови, а останатите 250 милиони евра ќе бидат користени за капитални инвестиции кои тековно ќе се реализираат што не значи дека ќе ги потрошиме веднаш и сега, рече Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5.

Средствата ќе се трошат, додаде, во зависност од реализацијата на капиталните инвестиции.  

Повеќе од пет милијарди денари од унгарскиот кредит, како што кажа, до крајов на годинава ќе бидат распределени за капитални инфраструктурни проекти во општините. Дополнително за таа намена следната година ќе бидат издвоени уште 15 милијарди денари.

-Можете да замислите каков ќе биде одѕивот следната година ако сега за пет милијарди денари што се предвидени да се дадат до крајот на годинава има повеќе од 300 проекти и на повикот аплицирале сите општини во земјава. Мислам дека веќе е завршена евалуацијата за проектите и очекувам веќе следната недела да се потпишат договорите што ќе значат нешто што досега не се случило, рече Мицкоски.

Истакна дека очекува до крајот на годинава да бидат искористени околу 30 отсто од предвидените пет милијарди денари, а другите да се прелеат во буџетот за следната година. Како што кажа, општините нема да добиваат пари од државата за проектите, туку ќе им се исплаќа на изведувачите за завршената работа. Тоа позитивно ќе влијае на ликвидноста на буџетот.

За повикот за следата година очекува околу 1.000 проекти со што, како што вели, ќе се случи епски и историски развој на општините со реализација на проектите финансирани од централниот буџет.

-Тоа ќе биде озбилна инвестициска градежна офанзива, потенцира Мицкоски.  вј/са/

Фото: принтскрин

Остани поврзан