Мицкоски: Бизнисите и граѓаните да бидат спокојни, владините политики за раст на економија ги дадоа резултатите
- Во многу наврати кажав дека 2026 година ќе биде предизвикувачка, но ликвидносно ја затворивме така што бизнисот и граѓаните да бидат спокојни. Сите функции од страна на државата ќе бидат сервисирани, изјави вечева премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје, 7 јануари 2026 (МИА) - Во многу наврати кажав дека 2026 година ќе биде предизвикувачка, но ликвидноста ја затворивме така што бизнисот и граѓаните да бидат спокојни. Сите функции од страна на државата ќе бидат сервисирани, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Алфа.
- Ние сметаме дека 2028 година пролетта ќе ги имаме редовните парламентарни избори. Истовремено сметаме дека согласно важечките закони и право во државата ќе има техничка влада што значи дека во 2027-та ќе треба да ја подготвиме 2028-та. Во 27-та имаме околу милијарда и двеста - милијарда и триста до милијарда и петстотини за враќање буџетски дефицит и нова еврообврзница од половина милијарда. Но, 2028-та повторно имаме 700 милиони еврообрзница, така што сега тоа ние треба да го вратиме. Веќе почнуваме да размислуваме за 2027., не сакаме да оставиме ништо на случајноста, сакаме ликвидносно целиот овој период заклучно со изборите да го затвориме, изјави Мицкоски во интервјуто.
Зборувајќи за економските постигнувања во 2025 година и двата квартали во 2024-та година, премиерот кажа дека е надмината онаа бариера од 3 отсто раст на Бруто домашен производ, нешто што за претходната влада, посебно последните години претставувало невозможна мисија. Според него, и првиот, и вториот и третиот квартал од оваа измината 2025 година, се навистина прилично успешни.
- Реалниот раст е веќе 3,5 отсто, номиналниот е над 8, мислам дека во првите три квартала е 8,3 отсто, иако ние предвидувавме, заедно со меѓународните финансиски институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и така натаму, дека ќе имаме номинален раст од околу седум и пол проценти, ние веќе сме 8,2, 8,3. Веќе имаме, заклучно со 2025 година петоцифрена бројка по долари по глава на жител, над 10 илјади долари е номиналниот бруто производ по глава на жител. Според куповната моќ, веќе дојдовме до 30 илјади долари. Очекувам номиналниот БДП веќе во 2026. да го постигне нивото коешто го поставивме како цел на крајот од мандатот на оваа Влада, тоа е 20 милијарди долари. Ќе ја префрлиме таа бројка две години порано, истакна Мицкоски.
Меѓу економските политики што Владата ги спроведе, премиерот го спомена субвенционирањето на стопанството со 250 милиони евра евтини кредити со цел поддршка и развој на македонската економија.
- Ги субвенционираме оние заеми за стопанството, четврт милијарда евра. Ги субвенционираме преку Владата за стопанството, кога на тоа ќе ги додаде сопствените средства што дел од банките ги додадоа, тогаш доаѓаме до фантастична бројка од, можеби, половина милијарда евра инвестициска домашна активност. И токму тоа е причината во првата половина година, растот на инвестициите да е некаде околу три- четиринаесет проценти. Ако тој период се спореди колку расте во Европа, тој е 2-3 отсто, рече Мицкоски.
Зборувајќи за инфлацијата рече дека изминатата година таа е околу 4 проценти и дека за годинава, 2026., се очекува да падне на ниво од 2 до 3 проценти.
- Инфлацијата е приближно на нивото од четири проценти. Очекуваме следната година да се движиме помеѓу 2 и 3 отсто. Тука мислам дека имаме исклучително погрешно шпекулативна политика од страна на два, би рекол три ланци супермаркети, којашто мислам дека од морален аспект е нечесно. Затоа што во бизнисот не можете вие да го гледате само вашиот профит, на сметка на клиентот, односно на другата страна, а другата страна се граѓаните и ние како Влада по вокација и по суштина ќе застанеме на страната на граѓаните. И тука планираме на делуваме, па дури и со законски измени во делот на казнената политика, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека генерално Владата се труди да биде бизнис ориентирана, односно Влада којашто сака да помага на бизнисот и Влада којашто сака да расте заедно со бизнисот „затоа што, колку повеќе бизнисот расте, толку повеќе тој контрибуира во рамките на централниот Буџет, а колку централниот буџет е квалитетен, толку квалитетни ќе ни бидат и проектите коишто ги реализира тој централен буџет“. ев/паг/
ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ