• понеделник, 23 декември 2024

Мицковски: Тој што нас нè почитува, ќе го почитува и нашиот мајчин македонски јазик

Мицковски: Тој што нас нè почитува, ќе го почитува и нашиот мајчин македонски јазик
Велес, 7 јули 2020 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, вечерва од собирот на граѓани во населбата Тунелот во  Велес порача дека ова се избори на кои се избира помеѓу неправдата и криминалот, од една страна, и правдата, чесноста, исправена и горда Македонија, од друга страна. - Ова се избори кога одлучуваме за иднината на нашите семејства, избори на кои треба да го обелиме образот на нашите предци, изборот сега на 15 јули  е помеѓу неправдата, омаловажувањето, и од друга страна правдата и достоинството, рече Мицковски. Тој посочи дека македонскиот народ „се исправувал и победувал и поголемо зло од ова раководство на СДСМ“. - Знам дека гласот на 15 јули позади параванот ќе биде многу силен. И сите оние кои корумпираа треба да знаат дека вие одлучувате сами на 15 јули позади параванот и никој не може да влијае врз вас. Овој пат треба да се обединиме и да видиме што можеме ние да направиме за Македонија. Затоа ве повикувам на 15 јули да гласате за број 14,  предупредувајќи дека не треба да им се верува на оние кои се колнат во жицата, во семето затоа што тие лажат, порача Мицковси Тој оцени дека СДСМ мора да заврши на срамната страна на историјата, а сега мора да испишеме нова историја. - Доаѓа време на политичари кои заедно со народот ќе одлучуваат. Матрицата на СДСМ е прво, предизборна лага и таа е толку голема што може да предизвика некој да поверува, втората работа што ја прават е грабеж и корупција и третата работа е да го заробат правосудството, рече Мицкоски. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски СДСМ направил распродажба на сите полиња во државата, додавајќи дека „тие на маса ја ставаат и  Македонија“. Тој од Велес  ги повика и политички неопределените и членовите на СДСМ кои не поддржуваат вакво раководство на СДСМ, да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ за да се спаси државата.ж - Нас ни треба опозиција која си ја сака Македонија, а не предводена од Заев, рече Мицковски. Тој најави бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, враќање на вредностите во општеството укажувајќи дека во програмата Проект-Обнова има детали како да се подобри животот во Македонија на сите полиња и за сите. - Сите кои се огрешиле пред законот сите ќе одговараат, не може неправдата да царува, не може криминалците да бидат главни во општеството, а младите да заминуваат од Македонија. Обновата подразбира и вредности како трудељубивоста, хуманоста, желбата да се помогне, овие вредности се подзаборавија и мора да ги вратиме. Ви ветувам дека повеќе никој нема да владее со народот, доста е од политички елити. Политичарите треба да бидат слуги на народот. Затоа сега треба сите да се обединиме. Победува Обновата на 15 јули, следат најдобрите години за овој честит народ. А за обновата на Македонија имаме многу внимателни мерки и политики во читанката Проект – Обнова со посебен акцент на правосудството, правото и правдата, порача Мицковски. Тој најави дека тие предлагаат реформи коишто овој политички систем ќе го ослободат од прангите. - Во правосудството мора да има реформи кои ќе значат вистинско почитување на законите. Од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево, буквално насекаде, без правна држава да не ве лаже некој, не ќе  можеме да имаме никаков успех за понатаму, порача Мицковски. Тој рече дека ни е потребно вистинско интегрирање во ЕУ, честито и достоинствено, а тоа што е наше треба да го почитуваат, затоа што ние туѓото не го бараме, ама за нашето жестоко се бориме - Македонецот Гоце Делчев е наш и никој нема право да ни го земе, ниту Даме, ниту Питу. Тој што не почитува ќе го почитува и нашиот мајчин македонски јазик, бидејќи истиот се изучува на повеќе од 160 универзитети во светот. Нема преговори за тоа, тој е наш мајчин македонски јазик и тоа е нашата црвена линија. Не постои некој што може да не убеди спротивно на тоа. Да го сочуваме факелот за Македонија. Додека постои ВМРО-ДПМНЕ ќе гори и ќе се распламтува овој факел за Македонија. Свесни за оваа реалност, но пркосни да ја промениме истата. Многу работи треба да се променат, драги пријатели браќа и сестри, не чека голема работа по 15 јули да си ги засукаме ракавите и да си ја обновиме заедно државата. Не чекаат многу предизвици,многу работа, но треба да сме среќни бидејќи ќе си ја ослободиме државата и ќе ја вратиме државата назад на народот. Доста му е од понижување и омаловажување, порача Мицковски повикувајќи ги на 15 јули  масовно да излзат и го дадат својот глас за број 14, за ВМРО-ДПМНЕ и Обнова на Македонија. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев и носител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 3 вечерва од Велес порача дека 15 јули е ден кога се гласа за чесни и вредни политичари и ден кога ќе се испратат во пензија сите политичари кои спроведуваат погубни политики за Македонија. Јанушев рече дека Зоран Заев, Љупчо Николовски и останите од СДСМ се со наведнати глави. - А и како да не бидат кога секој нов ден има нов скандал, уплашени се од пораз.  Паѓате, ВМРО-ДПМНЕ победува, а со ВМРО-ДПМНЕ победува и Република Македонија. 15 јули е финалето на една битка за враќање на државата во рацете на народот. Три години гледавме како не треба да се работи како не треба да се води држава. Затоа овие избори се многу важни и треба да го поразиме вирусот на криминал и корупција, вирус кој има име и презиме Зоран Заев, рече Јанушев. Јанушев кажа дека оваа власт можеше многу повеќе, укажувајќи дека видовме само повеќе криминал и корупција. - Можеа и да сработат нешто за вас, за народот, арно ама ништо не направија не мрднаа со прст. Нека објават еден проект кој сами го смислале и барем почнале да го прават. Арно ама такво нешто не постои и затоа, тоа, можеа е минато свршено време, кажа Јанушев. Toj  рече дека  „патриотите ги осудија за тероризам, и што е тоа ако не политички осудени, а тие  само ја бараат правдата,  и  да бидат сигурни дека  ќе донесат правда за тие луѓе. Јанушев  најави дека ќе  направат и многу повеќе, а ќе донесат и закон за потекло на имотот политичарите. Јанушев нагласи дека програмата Проект Обнова е најдобра програма која ја имаме и која „треба да даде ново светло во Република Македонија“. Тој порача и дека сега е време кога треба да кажеме доста за она што не омаловажува. - 15 јули е ден кога ќе ги испратиме во пензија сите погубни политичари. ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на враќање на македонското национално достоинство. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да овозможи повисоки плати, повисоки пензии, намалување на невработеноста, намалување на данокот, гасификација, мрежа од четири клинички центри... На овие избори е многу важно да се гласа. Исправи се Македонијо, избери Обнова, само така ќе покажеме дека Македонија е посилна од сите нив. Референдумски ќе гласаме за реден број 14, порача Јанушев вечерва од населбата Тунел во Велес. ад/сп/

Остани поврзан