• понеделник, 23 декември 2024

Митрески организираше средба по повод годишнината од членството во НАТО, во Собранието се подготвува Декларација

Митрески организираше средба по повод годишнината од членството во НАТО, во Собранието се подготвува Декларација

Скопје, 26 март 2024 (МИА) - Собранието подготвува Декларација за одбележување на четиригодишнината од зачленувањето на земјава во НАТО, а денеска претседателот на Собранието организирал средба во Клубот на пратениците на која присуствувале тројца поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска. 

- Четири години од нашето зачленување во НАТО, се покажа дека сме донеле храбри и мудри одлуки во интерес на безбедна и просперитетна иднина за нашите граѓани. Со тројцата поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која го развиори нашето знаме во седиштето на НАТО, но и со поранешни пратеници, амбасадори, носители на високи државни функции, разговаравме за придонесот што секој од нас поединечно го дал во овој процес и за патот што го изодевме за да имаме денеска безбедна држава, особено во услови на воена агресија недалеку од нас, објави Митрески на Фејсбук.

Од Кабинетот на Митрески посочуваат дека ова е една од состаноците што претседателот на Собранието ги организира за одбележување на годишнината од членството во НАТО.

Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека со храбрите и решителните одлуки на СДСМ, Северна Македонија веќе четири години е горда членка на најмоќниот воен сојуз - НАТО. 

-Во пресрет на одбележување на годишнината од членството во НАТО, ми беше чест што со претседателот на Собранието Јован Митрески, со поранешните премиери, поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, како и со поранешните пратеници, амбасадори, но и носители на високи државни функции, имавме можност разговаравме за придонесот на секој од нас во реализацијата на целиот процес, за придобивките од членството, како и за позицијата на Северна Македонија како членка на НАТО, напиша Ковачевски.

Денес, додава Ковачевски, нашата држава е фактор за стабилност во регионот и пошироко.

-Безбедносната стабилност носи економски просперитет, а странските инвеститори ја препознаваат Северна Македонија како сигурно место за вложувања. Тоа значи подобри работни места за нашите граѓани, повисоки плати и раст на животниот стандард. НАТО беше првата стратешка цел и успеваме да ја исполниме, посочува Ковачевски.

Искажува увереност и нова победа на 8 мај, по што, како што пишува, проевропската Влада на СДСМ и коалицијата ќе ја исполни и втората стратешка цел - членство во Европската Унија. ев/бак/

Фото: Фејсбук Јован Митрески 

 

Остани поврзан