Митрески за продолжување на рокот на патните исправи: Меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон
- Меѓународните договори се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така што конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот. Ова го изјави денеска претседателот на Собранието Јован Митрески, откако беше прашан дали мнозинството во законодавниот дом утре ќе ја даде поддршката за продолжување на важноста на патните исправи.
Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) – Претседателот на Собранието Јован Митрески, на новинарско прашање дали мнозинстовото во законодавниот дом утре ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.
-Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот, рече Митрески.
Додаде дека во текот на денешниот ден ќе го дополни дневниот ред за утрешната седница за законот на патни исправи, а во врска со поддршката на пратениците вели одлуките ги носат самите пратенички групи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владеjачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите. Во спротивно вели тие треба да се откажат од своите дипломатски пасоши, со кои патуваат непречено, кога и каде да посакаат.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски минатата недела пак, изјави дека залудно ќе биде менување на закон со којшто ќе се продолжи рокот на траење на пасошите со Република Македонија, затоа што тоа треба да биде усогласено со Грција и со ЕУ. Тој посочи дека Владата треба да обезбеди согласност од земјите-членки на ЕУ од другата потписничка страна – Грција, па потоа да разговара за менување на закон.
На дневен ред утре во законодавниот дом ќе се најде и Законот за игрите на среќа, кој претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише.
Претседателот на законодавниот дом, Митрески рече постапил како што е пропишано со деловничката процедура, односно да биде ставен на дневен ред во рок од 30 дена од враќањето на одлуката на претседателот Стево Пендаровски.
Митрески изрази уверување и дека утре ќе биде изгласан нов член на Државната изборна комисија.
Претседателот на Собранието Митрески, денеска учествуваше на одбележувањето на јубилејот – 80 години од Февруарскиот поход и од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски Питу, кој се одржа денеска во Домот на Армијатам, во организација на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ. ра/нд/
Фото: МИА