• сабота, 23 ноември 2024

Митрески: Законот за политички партии и Законот за здруженија еднаш засекогаш ќе стават крај на провокациите кои имаат за цел поделби

Митрески: Законот за политички партии и Законот за здруженија еднаш засекогаш ќе стават крај на провокациите кои имаат за цел поделби
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Пратеничката група на СДСМ поднесе предлог за измени и дополнување на Законот за политички партии. Во период кога сме сведоци на провокации кои предизвикуваат крајно непријатно чувство од јавноста, покрај нов закон за здруженија, потребни се и измени на законот за политички партии. Како народни избраници го поддржуваме правото на здружување и политичко дејствување, но мора да застанеме во одбрана на вредностите на кои што се темели нашата држава, а тоа се антифашистичките вредности, изјави денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. - Со измените на овој закон предлагаме политичките партии во своите програми, имиња, статути и обележја, да не можат да користат или да не можат да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, ширење, поддршка и промоција на фашизам, нацизам или Третиот рајх, или повикување на личности и настани поврзани со фашизам, нацизам, националсоцијализам или Третиот рајх. Овие предлог-измени на законот се токму тоа, рече Митрески. Митрески нагласи дека овој закон, како и законот за здруженија и фондации еднаш засекогаш ќе стават крај на намерните и опасни провокации од лица или групи кои имаат за цел да предизвикаат поделби, повикувајќи ги сите пратеници од сите пратенички гупи да дадат поддршка на овој закон. -Водејќи се од тоа дека и политичките партии се здруженија, кои по својата цел се на едно повисоко ниво, бидејки излегуваат и ја бараат довербата на граѓаните, еве шанса сега секоја партија на оваа тема барем нека покаже дека стои на зборот и да го поддржи овој закон - заедно да се спротивставиме на појавите кои величаат фашизам и националсоцијализам, рече Митрески. Тој нагласи и дека даваат подршка на законот за здруженија поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, без ниту една додавка онака како што е напишан. Во однос на уставните судии, во одговор на новинарско прашање дали ваквиот начин на избор на уставни судии и ставање како точка на седница ќе значи преседан, без да се заврши комисиската расправа, затоа што треба да се остави простор за поднесување амандмани, рече дека треба да се прави разлика меѓу избор на уставен судија или член на кое било тело, и поднесување амандмани. - Треба да правиме разлика меѓу избор на уставен судија на член на кое било тело со закон и поднесување амандмани, кога станува збор за некаков избор, тогаш нема амандмани, единствено се води расправа на Комисијата за избори и именувања и се отвара дискусија за секој посебно, и се гласа за секој посебно. Претседателката на Комисијата го информираше Собранието, претседателот на Собранието, дека за тие двајца кандидати завршена е дискусијата и изгласана е со мнозинство дека треба да продолжат во понатамошна постапка, со тоа што исто така го информира дека Комисијата и понатаму ќе продолжи со работа, рече Митрески. Тој кажа дека ако е целта на опозицијата да го блокира изборот на уставни судии и да ја донесе земјата во уставна криза, бидејќи во ноември завршува мандатот и на петтиот уставен судија, од СДСМ тоа нема да го дозволат. -Не се гласа како што сега бше кажано, за сите 13, се гласа за еден по еден, се дебатира за сите посебно. Тоа не значи дека тие се избрани, затоа што се дебатира и во пленарната сала, и се гласа за секој поединечно во пленарната сала, појасни Митрески. мс/нд/

Остани поврзан