• среда, 27 ноември 2024

Митреска: Идните чекори на монетарната политика условени од инфлацијата и состојбите на девизниот пазар

Митреска: Идните чекори на монетарната политика условени од инфлацијата и состојбите на девизниот пазар

Скопје, 19 март 2023 (МИА) - Добар сигнал е што растот на инфлацијата забавува. Во февруари годишното зголемување на цените е за околу три процентни поени помало од најсилниот раст што беше измерен во октомври и ова темпо на прилагодување е слично на еврозоната, изјави вицегувернарката на Народната банка Ана Митреска. 

-Динамиката со која се движи инфлацијата е слична и со очекуваната во последниот циклус проекции на Народната банка, согласно кои таа е проектирана на 8-9% на годишна основа. Сценариото за овие проекции се заснова на претпоставките за понатамошно намалување на светските цени на енергентите и храната, постепено стабилизирање на очекувањата за инфлацијата, коешто веќе и се случува, а затегнувањето на финансиските услови исто така треба да делува на оној дел на индексот на цените коишто е чуствителен на промените на побарувачката. Доколку нема некои непредвидени шокови во следниот период треба да видиме стабилизирање на инфлацијата, рече Митреска во интервју за „Блумберг Адриа“:

Вицегувернерката Митреска се осврна и на монетарната политика која ја водат двете глобално значајни централни банки - Федералните резерви на САД и Европската централна банка. ЕЦБ минатата недела, согласно најавите, ги зголеми каматните стапки за дополнителни 0,5 процентни поени, додека ФЕД неодамна стави акцент на веројатната потреба од порестриктивна монетарна политика, поради позатегнатите услови на труд и се уште недоволното успорување на инфлацијата. Во однос на идната патека, таа посочи дека  дека ќе зависи од најновите оценки за економските и финансиските услови во овие економии. Дали и колку последните случувања на надворешните финансиски пазари ќе имаат одраз на очекувањата за економските показатели, а со тоа и на монетарната поставеност на овие две централни банки, останува да се види во следниот период.

-Потезите и промените во монетарната политика на Народната банка ќе зависат од инфлацијата, меѓутоа и од девизниот пазар, со оглед на тоа што функционираме во услови на режим на фиксен девизен курс, којшто е номинално сидро и основа на целокупната стабилност на нашата економија. И на двата фронта гледаме одредено стабилизирање, меѓутоа ризици се уште постојат. Се разбира дека и однесувањето на Европската централна банка ќе има одредено влијание врз нашата каматна политика. Потребно е сите нови расположиви информации и оцени за домашната економија и надворешното окружување да се систематизираат и тие ќе претставуваат основа за следните чекори во монетарната политика,рече вицегувернерката Митреска, соопшти Народната банка. ев/

Остани поврзан