• среда, 25 декември 2024

Митевска и Арсова во САД споделија пораки за поголема вклученост на жените во спортот

Митевска и Арсова во САД споделија пораки за поголема вклученост на жените во спортот
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) - Претседателка на Комисијата за родова еднаквост при Македонскиот Олимписки комитет и активистка, Силвија Митевска и Илина Арсова, прва Македонка што ги искачила највисоките врвови на сите седум континенти, изминатите две недели заедно со останати 38 девојки од целиот свет, беа дел од прославата на десетгодишнината од Глобалната спортска менторска програма, поддржана од Стејт Департмент, како и 50 години од федералниот закон за граѓански права (Title IX), согласно кој, жените во САД добија еднакви права и финансиска поддршка во сите сфери на општеството.

Митевска и Арсова поминаа една недела на престижниот Бабсон Колеџ каде заедно со останатите учеснички имаа обуки за социјално претприемништво со светски познати професори. Потоа, следеше една недела во Вашингтон, каде се случуваше прославата на федералниот закон како и одбележувањето на десетгодишнината од ГСМП.

На настанот кој се одржа во Вашингтон, организиран и подржан од Стејт Департмент, на кој се обратија и првата дама на САД, Џил Бајден, како и долгогодишната активистка и легенда во американскиот тенис, Били Џин Кинг, Митевска и Арсова го споделија своето искуство во борбата за родова еднаквост во спортот.

За Митевска ова е непроценливо искуство и еден од моментите кои го одбележале ова патување, како што рече, било прикажувањето на нејзината работа на зајакнување на девојки и жени преку спорт и заложба за родова еднаквост во спортот пред целата публика присутна на свечениот настан кој се одржа во Капитол Арена во Вашингтон.

- Имавме прилика и да се запознаеме со првата дама, Џил Бајден, а особено драго ми е што на настанот присуствуваше и Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, со која имаме одлична соработка и огромна поддршка кога станува збор за креирање на еднакви можности за девојки и жени во спортот, рече таа.

Дополни дека програмата на Спортско Менторска Програма, која е имплементирана од Центарот за спорт, мир и општество и медиумот ЕspnW, а подржана од Стејт Департмент, е една од најпрестижните програми на која има учествувано.

- Мојата менторка во 2016 година беше Сузан Кохин од NHL (National Hockey League) со која поминав околу месец и половина во нивните канцеларии на Менхетан, Њујорк и од која можев да научам повеќе околу лидерските вештини на работното место, споделува таа.

Според Арсова, оваа иницијатива беше широко прифатена и сè уште се надградува во нашата заедница. - Лично за мене оваа година беше исклучително важна, бидејќи сум дел од самото основање на програмата во 2012 година, по иницијатива на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, во партнерство со најголемите спортски компании од САД. Како ликовен уметник ми беше особена чест да бидам дел и од работниот тим при визуелизација на приказните на другите учеснички, преку книга, веб-страна и анимирани филмчиња по повод десетгодишнината од програмата, рече Арсова. ар/дма/

Остани поврзан