• среда, 27 ноември 2024

Митева:  Лотарија на две фирми, едната од Струмица, другата од Скопје незаконски им доделила лиценци за игри на среќа

Митева:  Лотарија на две фирми, едната од Струмица, другата од Скопје незаконски им доделила лиценци за игри на среќа

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Дали фирмата од Струмица е директно поврзана со СДС, а фирмата од Скопје со ДУИ? Дали вака СДС и ДУИ ги книжеле милионите под закрила на институциите, рече на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Со години, како што рече, фирмите преку игрите на среќа се богателе и тоа прво без законски основ, а сепак со издадена лиценца и второ, без притоа да плаќаат данок. - Кој се од врвот на СДС и ДУИ ги аминувал и прикривал овој криминал од милионски размери?, праша Митева.

За споредба, како што нагласи Митева, во 2018 година бизнисот со игри на среќа свртел 210 милиони евра, а во 2023 година 800 милиони. - Или за пет години овој бизнис се зголемил за цели 600 милиони евра. Ова директно покажува дека во времето на владеење на СДС и ДУИ преку незаконско работење, со добиени лиценци без основ за тоа се заработувале милиони на грбот на граѓаните, а за да биде уште пострашно некој од тие фирми за тоа не плаќал данок, додаде таа.

Според Митева, нервозата во СДС и ДУИ е голема, зошто токму овие две фирми од Струмица и Скопје кои го кршеле законот и не плаќале данок, нема да можат тоа веќе  да го прават.

Дополнително, како што рече, последните констатации покажуваат дека од 2017 година „Лотарија на Македонија“, и самата не поседувала лиценца но сепак издавала лиценци за приредување на игри на среќа. 

- Со години клучен фактор за развојот на бизнисот во Македонија била политичката моќ на ДУИ и СДС. Затоа денес секојдневно се служат со лаги и измислици, празни прес конференции и конструирани напади, надевајќи се дека така ќе го покријат сиот криминал кој се открива во институциите. Но, на клевета ќе одговориме со вистина, СДС и ДУИ мора да знаат дека ќе има одговорност за секоја нерегуларност која ја направиле, само така ќе имаме правна држава и вистинско владеење на правото, истакна Митева на денешната прес-конференција.

МВР вчера потврди дека ќе го проверува работењето на Државна лотарија откако во јавноста излегоа информации дека незаконски давала лиценци за приредување онлајн игри на среќа иако не смеела да го прави тоа бидејќи и била истечена лиценцата.

-Во врска со случајот со „Државна лотарија“, Ве информираме дека по добиено известување од Министерството за финансии, во ОСОСК ( оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал) во координација со ОКП (оддел за криминалистичка полиција) оформен е предмет и започната е постапка за проверка на информациите за незаконско издавање на лиценци за приредување игри на среќа од страна на „Лотарија на Македонија“, потврдија за МИА од МВР. дма/ац/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан