• четврток, 26 декември 2024

Митаракис бара ЕК итно да интервенира за релокација на спасените 400 мигранти јужно од Крит

Митаракис бара ЕК итно да интервенира за релокација на спасените 400 мигранти јужно од Крит
Атина, 23 ноември 2022 (МИА) – Бараме од Комисијата веднаш да преземе и да координира иницијатива за релокација на мигрантите, пишува министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во писмата испратени до потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, и комесарката за внатрешни прашања на ЕУ Илва Јохансон во однос на спасените околу 400 мигранти во близина на Крит, јави дописничката на МИА од Атина. Митаракис вели дека ваква иницијатива од ЕУ би била „одговор на операцијата за потрага и спасување со што ќе се осигури дека одговорноста за спасување животи во море е правично поделена меѓу земјите- членки, како што беше случај со другите спасувачки акции во Средоземното Море“. Во писмото, грчкиот министер објаснува дека вчера, околу еден часот по полноќ бродот испратил сигнал за помош преку бројот 112 за итни случаи додека пловел на околу 15 наутички милји јужно од Крит, а во спроведената акција, сите мигранти биле безбедно префрлени на пристаништето на Крит. -Бродот, рибарски брод долг 30 метри, пловел на отворено море, во рамките на грчкиот регион за потрага и спасување. Според досега достапните информации, на бродот има околу 400 мигранти. Бродот бил надгледуван од крајбрежната стража бидејќи пловел со екстремно мала брзина, но на почетокот не побарал помош. Сигналот за помош дошол откако во бродот почнало да навлегува во вода. Сè уште нема информации за знамето или пристаништето на потекло, пишува Митаракис. Истакнува дека Грција постојано го посочува новиот начин на работа на криумчарите кои користат поголеми пловни објекти и се обидуваат да стигнат во Европа, но и дека е потребно колективно дејствување, а не да се очекува од земјите што се во првите редови „да сносат сè поголем товар непропорционален со нивните соодветни капацитети“. -Европа мора да докаже дека е во позиција да обезбеди непосредна и опиплива солидарност, во многу побрзи временски рамки и во поголем број од оние на кои сме сведоци досега, истакнува грчкиот министер во писмото. ср/сд/

Остани поврзан