• недела, 22 декември 2024

Мисајловски: Македонската Армија нуди услови за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди

Мисајловски: Македонската Армија нуди услови за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди

Велес, 6 декември 2024(МИА) - Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес денеска во посета беа министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорките на Канада  Мишел Камерон и на Украина  Лариса Дир и високи воени претставници од Канада и Полска кои присуствуваа на Денот за високи гости и затворањето на вежбата „Maple Arch 24“ која се реализира во нашата држава од 25 ноември, во Центарот за симулации во Велес и на Армискиот полигон „Криволак“.

Министерот Мисајловски истакна дека оваа вежба, која се реализира по 25 пат и на која учествуваат повеќе од 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски земји, се разликува од сите претходни поради комбинацијата на компјутерска симулација и реализација во теренски услови со што се заокружува еден процес на изведување вежби.

-Она што го гледаме тука во Велес и активностите кои се одвиваат паралелно на „Криволак“ се најголемиот доказ дека македонската Армија нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди, истакна Мисајловски.

Воедно појасни  дека соработката меѓу армиите директно влијае на зајакнување на интероперативноста, но и на безбедноста.

Мисајловски упати честити до сите припадници од земјите учеснички кои со својата професионалност, посветеност и мотивација успешно ја реализираа оваа јубилејна вежна и упати благодарност до канадските сојузници за поддршката во организацијата.

-Меѓусебната посветеност на развојот на одбренбената соработка е видлива и преку ваков вид на заеднички обуки и вежби кои ќе продолжат и во иднина, најави министерот Мисајловски.

На настанот се обрати началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски кој нагласи дека изведувањето на ваков вид вежби е доказ за обученоста, континуитетот и кохезијата меѓу припадниците што овозможува зајакнување на врските со сојузниците и партнерите и постигнување нови искуства во мултинационална средина.

Канадската Амбасадорка Мишел Камерон упати благодарност до македонската  Армија и државата за извонредната поддршка за изведување на вежбата.

-Оваа вежба го покажува единството и ја потврдува заедничката посветеност кон глобалниот мир, стабилност, заеднички вредности и партнерството во НАТО и само со заеднички и проективен пристап ќе придонесеме за помирен и побезбеден свет, потенцира Амбасадорката на Канада, Камерон.

Мултинационалната вежба „Maple Arch 24“ е вежба на која учествуваат околу 600 припадници од македонската Армија и припадниците на вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Вежбата е спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на Вооружените сили на Канада. ад/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан