• понеделник, 23 декември 2024

Минчев: Реформа на службите, зголемување на транспарентноста и Академија за административни службеници се дел од клучните активности во овие сто дена

Минчев: Реформа на службите, зголемување на транспарентноста и Академија за административни службеници се дел од клучните активности во овие сто дена

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) -  Реформа на службите и законодавството, зголемување на транспарентноста, формирање на Академија за административни службеници, но и регулирање на Националното координативно тело за управување со квалитет се дел клучните активности и иницијативи кои ги презедовме во овие сто дена, информираше денеска на прес-конференција министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Во однос на реформа на службите и законодавството во овие сто дена, Минчев подвлече дека се повлечени од собраниска процедура три клучни закони - Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за професионален развој и обука на административни службеници.

Овие закони, како што рече, се подложени на ревизии за да се модернизира управувањето со човечките ресурси, да се насочи процесот на вработување, да се унапреди системот за пресметка на платите и почитување на мерит системот.

-Нашата цел е да обезбедиме јавна администрација која е професионална, ефикасна, стручна и непристрасна и ќе овозможи поквалитетна испорака на услуги за граѓаните, рече Минчев.

Тој додаде дека за да се зголеми транспарентноста во рамки на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ за измена на трите закони, беа вклучени сите засегнати страни како што се синдикалните здруженија, невладини домашни и меѓународни организации, граѓански здруженија, претставници од експертската и академската заедница, претставници од јавните институции, како и претставници од Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Дебатите, како што рече, се организирани со цел да се обезбеди потполно транспарентен процес каде што ќе се слушнат мислењата, ставовите и предлозите на сите чинители на кои се однесуваат овие закони и истите да учествуваат при креирањето на содржината на законските измени.

Исто така, подвлече Минчев, Владата потпиша меморандум за соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС), преку што се оствари поголема соработка со локалната самоуправа и општинските администрации.

-Првата јавна дебата беше организирана заедно со Центарот за управување со промени (ЦУП), а под покровителство на Амбасадата на Велика Британија. Втората јавна дебата беше организирана заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС) во Скопје, на која што присуствуваа претставници од скопските и околните општини. Третата јавна дебата беше организирана заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС) и општина Куманово, во Куманово, на која што присуствуваа претставници од останатите општини во регионот, рече Минчев.

Тој на прес-конференцијата ја спомена и методологија за пресметка на правична застапеност на етнички заедници „Балансер“. Како што рече, дигиталната алатката „Балансер” начелно создадена за правична застапеност на заедниците во институциите, во минатиот период беше честопати злоупотребувана.

-Таа злоупотреба на „балансерот” е регистрирана и аргументирана. Всушност, дигиталната алатка „балансер” ја губи својата намена за која е создадена. Оваа ситуација е нотирана и во скрининг извештајот на Европската комисија. Во Законот за вработени во јавниот сектор е децидно наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници. Таа се однесува исклучиво за населението кое што живее на територија на Република Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година. Затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници од претходната Влада не беше во законски рамки, рече Минче.

На иницијатива на новата Влада и Министерството за јавна администрација, тој напомена дека таа аномалија беше отстранета и формулата за пресметка беше сменета.

Минчев потенцираше дека во процедура е законска регулатива за формирање Академија за професионален развој и обука на административни службеници. Оваа академија ќе обезбеди континуирана едукација, опремување на нашите службеници со знаења и вештини за професионално и ефективно извршување на нивните должности, притоа одржувајќи ги највисоките европски стандарди.

-Во согласност со последните измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, направивме измени во формирањето на Национално координативно тело за управување со квалитет. Ова тело ќе служи како централна точка за координација и надзор на иницијативите за управување со квалитет низ сите државни институции. Неговата улога ќе биде да обезбеди конзистентна примена на стандардите за квалитет, да го унапреди споделувањето на најдобрите практики и да го следи перформансот на јавниот сектор, со цел негово постојано подобрување. Со централизација на координацијата на управување со квалитет, ќе обезбедиме дека реформите не се фрагментирани, туку се применуваат сеопфатно низ сите нивоа на власта, што директно ќе им користи на граѓаните преку попаметни, попродуктивни и поодговорни јавни услуги, додаде министерот.

Тој потсети дека по процесот на самооценување и евалуација, Министерството за јавна администрација доби САF сертификат (Заедничка рамка за проценка) согласно САF стандардите за квалитетно управување.

Како што рече, CAF сертификацијата е резултат на темелно самооценување, при што критички ги оценивме нашите процеси, структури и резултати, со цел да ги идентификуваме областите за унапредување.

-Со усвојување на CAF рамката, ние како Министерство, не само што ги унапредуваме нашите внатрешни системи, туку и ја поттикнуваме владината култура. Воведувањето и постигнувањето меѓународни стандарди за управување со квалитет во државните институции, оцени, ќе обезбеди поуспешна реализација на сите тековни реформски иницијативи, особено во процесот на европска интеграција за кои е потребен добро развиен капацитет, модерен и ефикасен менаџмент и навремено постигнување на зададените цели, рече Минчев. бт/ац/

Фото: Министерство за јавна администрација

Остани поврзан