• понеделник, 23 декември 2024

Минчев: Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите

Минчев: Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) – Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите. Првата е во Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници кои се во фаза на разгледување, а втората е да се оди со посебно законско решение кое што ќе биде разгледувано во Собранието, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Нагласи дека Министерството за јавна администрација во моментов не изработува такво законско решение и додаде дека не треба да се брза со носење на едно вакво законско решение. Се уште, посочи, немам видено нацрт-верзија од нашите коалициски партнери, но се надевам, убеден сум и сигурен дека во Владата има политички капацитет да се најде едно законско решение кое што на крајот ќе биде пратено до Венецијанската комисија со цел да биде квалитетно, да биде спроведливо за да не се најдеме повторно во состојба Уставниот суд да укинува одредени членови или, пак, одредби од постојните законски решенија.

-Има можност на два начини да се донесе тоа законско решение, бидејќи е уставна категорија, а тоа е делумно во овие законски решенија коишто практично се на јавна расправа, но и со правење на нов закон за правична застапеност на етничките заедници, рече Минчев во одговор на новинарско прашање во изјава дадена во рамките на четвртата и последна јавна дебата по работните верзии на Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, организирана од Министерството за јавна администрација со матичната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, под покровителство на Националниот демократски институт, во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“. 

Не смета, како што кажа, дека постои опасност за нарушување на безбедноста на државата поради не носење на вакво законско решение и покрај писмата што ги прати лидерот на ДУИ Али Ахмети до европските партнери и до премиерот Христијан Мицкоски. 

-Прес-конференциите или, пак, тензијата која што ја држи во општеството г. Ахмети, сега и со последниот чин на праќање на писма кон нашите европски партнери и кон Мицкоски, е прашање на еден политички популизам затоа што минатата влада, односно претставниците на ДУИ коишто беа во минатата влада во рамки на Националната стратегија од 2022 до 2030 година за реформи во јавната администрација исто така имаат донесено одлука и потврдиле дека балансерот бил предмет на злоупотреба и дека треба да биде укинат. И од тој аспект велам дека ова е еден политички популизам, а пред се се однесува на она кое што се случува во моментов во ДУИ, а тоа е како што гледаме и сведоци се целата јавност за едно раслојување на таа т.н. коалиција Европски фронт, посочи Минчев.

Нагласи дека се уште не е формирана работна група за изработка на закон за правична застапеност.

-Сигурен сум сигурен дека во Владата има политички капацитет и можност да се дојде до едно сериозно, системско и квалитетно решение. Не треба да се брза. Мора да имаме трпение затоа што ние сме имале и ситуации кога и од 2001 до 2015 година не постоел балансер, но уставната категорија, правичната застапеност на етничките заедници се имплементирала. Така што, мора да дојдеме до сериозно решение да не се најдеме повторно во ваква ситуација, а тоа е Уставниот суд да укинува одредени членови или одредби од евентуалното законско решение, рече Минчев.

Порача дека денешната јавна расправа и дебата е еден од доказите дека сите учествуваат на такви расправи. 

-Забележавте дека овде има и претставници на ВРЕДИ и дека се отвори и тоа прашање за балансерот, но тоа е првата варијанта во овие законски решенија. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, јас мислам дека ќе се оди кон ново законско решение, истакна Минчев. вј/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан