• петок, 05 декември 2025

Минчев на работен состанок со високи претставници од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт

Минчев на работен состанок со високи претставници од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт

Скопје, 7 мај 2025 (MIA) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска остварил работен состанок со високи претставници од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт (ПОВ), Пол Брејтвејт, регионален лидер за Европа, Сандра Пернар, регионален координатор за Европа и Метју Трамонти, службеник за истражување во Независниот механизам за известување.

Како што информираат од Министерството за јавна администрација, средбата се одржала во рамки на официјалната посета на делегацијата од Секретаријатот на ПОВ на Република Македонија. Разговорите, како што посочуваат од Министерството, биле фокусирани на продлабочување на партнерството, тековните реформски процеси и можностите за зајакнување на принципите на отворено владеење.

Министерот Минчев ја истакнал поддршката за иницијативата за одржување владина седница посветена на ПОВ. 

-Оваа седница ќе испрати силен сигнал за висока политичка заложба кон транспарентноста, отчетноста и вклученоста – вредности на кои Владата ја темели својата работа, нагласил тој. 

Според него, ваквиот формат ќе овозможи проценка на напредокот, дефинирање на идните чекори и отворање на дијалог за нови идеи и иницијативи.

Во разговорот биле нагласени и приоритетите на Министерството, кои се тесно поврзани со отвореното владеење – унапредување на пристапот до информации, транспарентност, отчетност и активно вклучување на јавноста во креирањето политики. 

-Овие принципи не се паралелен процес, туку суштина на нашето секојдневно управување, рекол Минчев.

Дополнително, на средбата било разговарано за реформата на јавната администрација како можност за зголемување на ефикасноста и довербата преку зајакнување на граѓанското учество и отворање на институциите кон јавноста. Министерот нагласил дека е потребно создавање простор за граѓанскиот сектор и воспоставување нови механизми за дијалог и соработка.

Во контекст на претстојниот Глобален самит за ПОВ што ќе се одржи во октомври, соговорниците размениле мислења за начините на кои Република Македонија може да ги презентира своите заложби и напредок во областите како што се антикорупција, дигитализација и партиципативно креирање политики.

Како што наведуваат од Министерството за јавна администрација, на средбата била потврдена заедничката посветеност на вредностите на отвореното владеење како двигател на реформите и демократските процеси во земјата.фф/са/

Фото: Министерство за јавна администрација

Остани поврзан