• среда, 25 декември 2024

Министерството за правда побара од турските власти Љупчо Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршување на постапката за екстрадиција

Министерството за правда побара од турските власти Љупчо Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршување на постапката за екстрадиција

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Министерството за правда информира дека од надлежните турски власти побарале Љупчо Палевски, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да биде задржан во притвор поради екстрадиција сѐ до завршувањето на постапката. Оттаму велат дека очекуваат Турција веднаш да постапи по нивното барање.

- Министерството за правда денеска во 09:20 часот доби официјално известување од Интерпол, дека лицето Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница е лишен од слобода во Турција. Министерството за правда ја отпочна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реалзиација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција, стои во соопштението од Министерството за правда.

Како што образложуваат, во постапката треба да ги примат списите, да се изготви барање за екстрадиција, сите документи треба да се преведат на турски јазик, (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција) и се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Во однос на законската постапка за екстрадација информираат дека дека Министерството за правда постапува по добиено известување дека лице барано по меѓународна потерница е лоцирано или лишено од слобода во странска држава.

- Откако ќе се добие тоа известување (најчесто од МВР – СМПС – ИНТЕРПОЛ) се прибавуваат списи од органот кој ја издал наредбата да се распише меѓународната потерница. Кога ќе се добијат списите од органот кој ја издал меѓународната потерница се пристапува кон изготвување барање за екстрадиција. Министерот за правда, или лице овластено од него, го потпишува барањето за екстрадиција. Потоа комплет списите се праќаат до централниот орган (најчесто Министерство за правда) на државата каде што е бараното лице. По завршување на постапката пред странската држава се договара преземање на лицето преку Министерствата за внатрешни работи (канцелариите на ИНТЕРПОЛ), појаснуваат оттаму.

Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вчера беше уапсен во Турција, а за останатите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор од 30 дена по барање на Јавното обвинителство кое отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од Министерството за внатрешни работи. Ова се последните информации кои вчера ги соопштија надлежните во врска со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

Како што соопштија вчера од Основното јавно обвинителство Скопје, истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан