• понеделник, 23 декември 2024

Министерство за економија: Уредбата за прогласување кризна состојба при недостиг на струја претставува усогласување со Законот за енергетика

Министерство за економија: Уредбата за прогласување кризна состојба при недостиг на струја претставува усогласување со Законот за енергетика
Скопје, 3 ноември 2021 (МИА) - Уредбата за прогласување на кризна состојба при недостиг на електрична енергија што ја донесе Владата на 30 октомври годинава и која веќе е објавена во Службен весник е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, порачуваат од Министерството за економија. - Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките кои се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности, која што е објавена во Службен весник е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, согласно кој пазарот на електрична енергија е целосно отворен и има повеќе учесници на пазарот, како на пример, Оператор на пазар - МЕМО ДООЕЛ, велат од Министерството за економија. Во опфатот на оваа Уредба, додаваат, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании. - Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата, потенцираат од Министерството за економија. Во вчерашното издание на Службен весник на 12 страници објавена е Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и првата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности. Што предвидува Уредбата за прогласување на кризна состојба при недостиг на електрична енергија  I. Општа одредба Член 1 Со оваа уредба се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетските дејности согласно со Законот за управување со кризи. II. Критериуми и услови за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија Член 2 Критериуми врз основа на кои се прогласува кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија (во понатамошниот текст: кризна состојба) се: – состојбата на производствените, преносните и дистрибутивните капацитети на електроенергетскиот систем во Република Северна Македонија, – состојбата на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија и влијанието врз пазарите на електрична енергија во Република Северна Македонија, – расположливите количини на електрична енергија од домашно производство и увоз според склучените билатерални договори евидентирани од операторот на пазарот на електрична енергија (во понатамошниот текст: ОПЕЕ) и очекуваните трансакции на пазарот во однос на планираните потреби од електрична енергија и прогнозите на потрошувачка на електрична енергија, – расположливиот и алоцираниот преносен капацитет на интерконективните преносни капацитети со соседните држави објавени од операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: ОЕПС) и – екстремно и непредвидливо оптоварување на електропреносната мрежа во определен период, согласно Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија. Услови за прогласување на кризна состојба Член 3 Услови за прогласување на кризна состојба се: – целосно или делумно нефункционирање на електропреносниот или електродистрибутивниот систем предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии, – испад на интерконективен преносен капацитет, – распад на електроенергетскиот систем на соседните држави, – траен испад на поголеми производствени капацитети поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и/или неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија, – недостиг на електрична енергија на домашниот пазар, како и на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија утврден врз основа на податоци добиени од диспечерскиот центар на ОЕПС и/или ОПЕЕ и – непредвиден значителен пораст на цената на електрична енергија за одреден временски период. Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија Член 4 (1) Постојаното следење, анализирање и проценување на електроенергетската состојба во Република Северна Македонија и во соседните земји врши Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија (во понатамошниот текст: Комисија) формирана од министерот надлежен за работите од областа на енергетиката (во понатамошниот текст: министерот) составена од десет члена и тоа по еден претставник од редот на високи раководни функции во: Министерството надлежено за работите од областа на енергетиката (во понатамошниот текст: Министерството), Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: РКЕ), ОЕПС, ОПЕЕ, Операторите на електро дистрибутивните системи (во понатамошниот текст: ОЕДСи, производителите на електрична енергија со инсталирана моќност над 100 MW, универзалниот снабдувач, трговецот со најголемо учество на пазарот на електрична енергија на големо и снабдувачот со најголемо учество на пазарот на електрична енергија на мало. (2) Мандатот на членовите на Комисијата изнесува четири години. (3) Со работата на Комисијата раководи претседател кој од редот на членовите на Комисијата од ставот (1) на овој член се назначува од страна на министерот. (4) Комисијата донесува Деловник за својата работа. (5) Комисијата ја свикува претседателот на Комисијата, а се свикува и по барање на Министерството, РКЕ, ОЕПС, ОПЕЕ или ОЕДСи. (6) Комисијата особено ги врши следниве работи: 1) врз основа на доставените анализи од член 5 став (1) од оваа уредба, врши проценка на состојбите со снабдувањето со електрична енергија во Република Северна Македонија и во соседните држави со кои Република Северна Македонија е поврзана со интерконективни преносни капацитети, 2) изготвува и доставува до министерот информација во којашто е содржана проценката на ризик од настанување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, 3) ја следи состојбата со погонската подготвеност на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, како и на интерконективните преносни капацитети и во соработка со ОЕПС, ОПЕЕ и ОЕДСи му предлага на министерот преземање на мерки за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија, 4) ја следи состојбата на пазарите со електрична енергија во Република Северна Македонија и во регионот и во соработка со носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности снабдување и трговија со електрична енергија му предлага на министерот преземање на мерки за ублажување на нарушувањата на пазарот на електрична енергија и 5) ги разгледува плановите за постапување во кризна состојба изготвени од ОЕПС, ОПЕЕ и ОЕДСи кои се доставуваат до Министерството за нивно одобрување согласно Законот за енергетика (*). Проценка на ризик за настанување на кризна состојба Член 5 (1) Проценката на ризик за настанување на кризна состојба се изготвува од страна на Комисијата врз основа на анализите подготвени од ОЕПС, во соработка со останатите учесници на пазарот на електрична енергија, вклучително и ОПЕЕ за: 1) настанување на нарушена или вонредна состојба која што може да доведе до целосен распад на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија, 2) настанување на делумен распад на електроенергетскиот систем, 3) настанување на распад на електроенергетскиот систем на соседните држави, 4) настанување на траен испад на поголеми производствени капацитети, 5) недостиг на електрична енергија и 6) состојбата на пазарот на електрична енергија. (2) Проценката за настанување нарушена или вонредна состојба од став (1) точка 1) на овој член која што може да доведе до целосен распад на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија се прави врз основа на доставените анализи и информации од ОЕПС засновани на oперативното водење на електроенергетскиот систем во реално време, за неможност за нормално функционирање на: 1) производните капацитети приклучени на електроенергетскиот систем во Република Северна Македонија, 2) преносните капацитети во контролната област управувана од ОЕПС, 3) интерконективните капацитети со соседните држави или 4) доставените информации од ОПЕЕ за целосен прекин или значително намалување на договорените количини на електрична енергија од увоз или прекин на трансакциите на организираниот пазар на електрична енергија. (3) Проценката за настанување на делумен распад на електроенергетскиот систем од став (1) точка 2) на овој член се прави врз основа на анализа и информација доставена од ОЕПС за испад на помал дел од преносниот систем, како и од ОЕДСи за испад на значителен дел од дистрибутивната мрежа на определен дел од територијата на Република Северна Македонија. (4) Проценката за настанување на распад на електроенергетскиот систем на соседните држави од став (1) точка 3) на овој член се прави врз основа на информација добиена од ОЕПС за состојбата на електроенергетските системи од соседните држави, согласно размената на податоците во рамки на ENTSO-е. (5) Проценката за настанување на траен испад на поголеми производствени капацитети од став (1) точка 4) на овој член се прави врз основа на анализите и информациите добиени од производителите на електрична енергија со инсталирана моќност над 100 MW. (6) Проценката за недостиг на електрична енергија од став (1) точка 5) на овој член се прави врз основа на податоците добиени од диспечерскиот систем на ОЕПС и ОПЕЕ за движењата на количините и цените на електрична енергија на домашниот и регионалниот пазар. (7) Проценката за состојбите на пазарот на електрична енергија од став (1) точка 6) на овој член се прави врз основа на доставените анализи и информации од ОПЕЕ и ОЕПС за состојбите на пазарот на електрична енергија. Член 6 (1) Ако е исполнет некој од условите за прогласување на кризна состојба од член 3 од оваа уредба и врз основа на проценките од член 5 од оваа уредба министерот оцени дека е потребно Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата), во согласност со Законот за управување со кризи, да донесе одлука за прогласување на кризна состојба, доставува предлог до Управувачкиот комитет формиран во согласност со Законот за управување со кризи. (2) Ако Управувачкиот комитет врз основа на предлогот од став (1) на овој член утврди дека постојат услови за прогласување на кризна состојба го усвојува предлогот и го доставува до Владата. (3) Владата на итна и вонредна седница го разгледува предлогот на Управувачкиот комитет и донесува одлука за прогласување на кризна состојба. (4) По прогласување на кризна состојба Комисијата постојано ја следи состојбата и доколку пред истекот на рокот за кој е прогласена кризна состојба, состојбата во електроенергетскиот систем значително се подобри, Комисијата може да предложи превземените мерки од оваа уредба, да се сведат на минимум се до завршувањето на кризната состојба. (5) По прогласување на кризна состојба Комисијата при следење на состојбата доколку оцени дека не постојат причини истата да продолжи, доставува писмен предлог со образложение до министерот. (6) Министерот го доставува предлогот од став (5) на овој член до Управувачкиот комитет од став (1) на овој член кој врз основа на предлогот ќе и укаже на Владата на потребата од донесување на одлука за престанување на важење на одлуката за прогласување на кризна состојба. III. Мерки што се преземаат во случај на кризна состојба Член 7 (1) Заради создавање услови за рационално користење на електрична енергија во услови на кризна состојба, во зависност од проценките од член 5 од оваа уредба, може да се преземаат следните мерки: 1) мерки утврдени во плановите од член 4 став (6) точка 5) од оваа уредба, 2) ограничување на потрошувачка на електрична енергија во согласност со член 10 од оваа уредба и 3) обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва за активна моќност. (2) Финансиските средства потребни за реализација на мерките од став (1) се обезбедуваат од сопствени извори на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и/или од Буџетот на Република Северна Македонија во согласност со Законот за управување со кризи и на начин определен во одлуката од член 6 став (3) од оваа уредба. IV. Права и обврски на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност Член 8 (1) Мерките за отстранување на причините за настанување на целосен распад на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија и/или испад на поголем производствен капацитет, како и мерките за отстранување на последиците од настанување на распад на електроенергетскиот систем на соседните држави ги спроведува ОЕПС во согласност со одредбите од Мрежните правила за пренос на електрична енергија, а ако делумниот распад на електроенергетскиот систем настане на дел од територијата на Република Северна Македонија мерките ги спроведува ОЕДСи во соработка со ОЕПС. (2) Мерките за ограничување на потрошувачката на електрична енергија при недостиг на електрична енергија ги координира ОЕПС. (3) Мерките за обезбедување на балансна енергија ги спроведува ОЕПС, во согласност со Правилата за балансирање на електроенергетскиот систем. (4) При спроведување на мерките од став (2) на овој член, за ОЕДС, потрошувачи приклучени на електропреносна мрежа, снабдувачите и трговците кои испорачуваат електрична енергија на територијата на Република Северна Македонија се суспендира пазарот на електрична енергија и истите постапуваат по инструкциите од ОЕПС, при што ОЕПС, ОЕДСи, снабдувачите и трговците со електрична енергија не се одговорни за штетите што ќе настанат како последица од спроведувањето на тие мерки. (5) Пред да започнат со спроведувањето на плановите од член 4 став (6) точка 5) од оваа уредба, ОЕПС, ОЕДСи, како и производителите, снабдувачите и трговците со електрична енергија: 1) меѓусебно соработуваат и разменуваат информации потребни за спроведување на мерките, 2) ги искористуваат сите можности кои ги имаат на располагање за обезбедување на недостигот на електрична енергија (хавариска испомош, дополнителен увоз на електрична енергија и ангажирање на сите расположливи резерви, обезбедување на дополнителни финансиски средства, вклучително и репрограмирање на доспеани побарувања од балансно одговорните страни и ослободување од обврската за зголемување на финансиските обезбедувања по основ на склучените договори за балансна одговорност) и 3) ги известуваат потрошувачите преку средствата за јавно информирање или непосредно најмалку два часа пред започнувањето на примената на мерките утврдени со оваа уредба, како и за предвиденото времетраење на применетите мерки, а кога тоа е можно и во пократок временски рок. (6) ОЕПС ја следи примената на мерките од овој член и доставува дневни извештаи до Комисијата. V. Начин на снабдување со електрична енергија во услови на кризна состојба Член 9 (1) Во зависност од настанувањето на условите поради кои е прогласена кризната состојба утврдени врз основа на извршените проценки од член 5 од оваа уредба, како и обемот на недостигот на електрична енергија, се применуваат следните степени на ограничување на потрошувачката на електрична енергија: 1) I степен на мерки за ограничување кој што се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 5-10% од количините на електрична енергија согласно Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија за тековната година (во натамошниот текст: билансирани количини); 2) II степен на мерки за ограничување кој што се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 10-20 % од билансираните количини; 3) III степен на мерки за ограничување кој што се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 20-30% од билансираните количини, а електричната енергија во акумулационите хидроелектрани изнесува 60% од билансирани количини; 4) IV степен на мерки за ограничување кој што се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 30-40% од билансираните количини и 5) V степен на мерки за ограничување кој што се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува над 40% од билансирани количини. (2) ОЕПС врз основа на податоци доставени од учесниците на пазарот до 15-от ден во тековниот месец врши пресметка за недостатоците на енергија за наредниот месец и дава предлог до Комисијата за утврдување на степенот на ограничување на потрошувачката на електрична енергија. (3) Врз основа на пресметките од став (2) од овој член, ОЕПС врши пресметки за недостатоците на електрична енергија на дневно ниво и ги задолжува ОЕДСи за спроведување на ограничување на потрошувачката за наредниот ден согласно нивните планови. (4) Недостатоците на дневно ниво ОЕПС ќе ги распредели на ОЕДСи во зависност од процентуалното учество на вкупната дистрибутивна потрошувачка искажана во Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија. (5) При спроведувањето на мерките за ограничување на потрошувачката според степените од ставот (1) на овој член ОЕДСи, во соработка со единиците на локалната самоуправа ги применуваат и следните мерки: 1) исклучување на сите светлечки реклами, 2) осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување, 3) осветлението на излозите се ограничува до минимален сигурносен обем на осветлување и/или 4) забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории. VI. Завршна одредба Член 10 Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба престанува да важи Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, начинот на снабдување со електрична енергија во овие услови, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/12). Член 11 Овaа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. вј/сп/    

Остани поврзан