• понеделник, 23 декември 2024

Министерот Муртезани во дводневна посета на Брисел 

Министерот Муртезани во дводневна посета на Брисел 

Брисел, 4 септември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани од денеска престојува во дводневна работна посета на Брисел, во чии рамки ќе има средби со претставници на институциите на ЕУ како дел од тековните напори за пробив на европскиот пат на Северна Македонија и продлабочување на соработката со клучните тела на Европската Унија. 

Предвидено е Муртезани да се сретне со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. 

Министерот за европски прашања ќе има средби и со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Валентина Суперти, со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ГД НЕАР, Сигрит Бретел и со постојаниот претставник на Унгарија во ЕУ, амбасадорот Балинт Одор, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. 

Муртезани ќе се сретне и со претседавачот на Комитетот за правни работи (ЈУРИ) на Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук, кој во претходниот парламентарен состав беше известувач на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) за земјава. Известувач во новиот состав на АФЕТ се уште не е избран. 

Според најавата на Министерството за европски прашања, на средбите на Муртезани со претставниците на ЕУ ќе се разговара за низа теми важни за процесот на пристапување на Северна Македонија во Унијата, со посебен акцент на регионалната стабилност, економската соработка и натамошното усогласување на домашните реформи со европските стандарди.  

На разговорите ќе стане збор и за можноста за зголемена техничка поддршка за тековните реформи во судството, владеењето на правото и антикорупциските мерки. сп/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан