• вторник, 12 ноември 2024

Министерот Минчев се сретна со германската амбасадорка Петра Дрекслер

Министерот Минчев се сретна со германската амбасадорка Петра Дрекслер

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска остварил средба со амбасадорката на Германија во земјава Петра Дрекслер.

Во фокусот на средбата, како што сопштија од кабинетот на Минчев, била можноста за унапредување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји, со акцент на реформите во јавната администрација и подобрувањето на ефикасноста на јавните услуги.

Минчев ја нагласил посветеноста на Министерството за јавна администрација за имплементација на модерни и дигитализирани услуги, кои ќе им овозможат на граѓаните побрз и поефикасен пристап до администрацијата. Во овој контекст, тој ја истакнал важноста на поддршката од страна на Германија, како и можноста за споделување на добри практики и искуства кои ќе придонесат за унапредување на капацитетите на јавниот сектор во државата.

Амбасадорката Дрекслер изразила подготвеност за продолжување на соработката и поддршка на процесот на реформи, како и за заедничка работа на проекти кои ќе придонесат за приближување на Република Македонија кон европските стандарди.

- Таа ја потенцираше важноста на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста на институциите во создавањето на поефикасен јавен сектор кој ги задоволува потребите на сите граѓани, се наведува во соопштението.

На средбата било изразено заедничко уверување за понатамошно јакнење на соработката во областа на јавната администрација и споделување на германските искуства во насока на исполнување на европските стандарди и поддршка на процесите за модернизација и реформи на јавниот сектор во Република Македонија. цр/са/

Фото: Министерството за јавна администрација 
 

Остани поврзан