• среда, 27 ноември 2024

Министерот за надворешни работи на Израел побара оставка од шефицата на UN Women

Министерот за надворешни работи на Израел побара оставка од шефицата на UN Women

Ерусалим, 2 декември 2023 (МИА) – Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен денеска ја критикуваше организацијата за правата на жените UN Women затоа што и требаа 57 дена за да ги осуди нападите на Хамас врз Израел и сексуалното насилство за време на нападите.

Коен, исто така, повика извршната директорка на UN Women, Сима Бахус да поднесе оставка.

- Однесувањето на UN Women по масакрот на 7 октомври беше срамно. Нивното соопштение беше млако и задоцнето по речиси два месеци молк и затворање очи пред воените злосторства, злосторствата против човештвото и сексуалните злосторства извршени од терористичката организација Хамас, изјави шефот на израелската дипломатија.

UN Women објави соопштение во кое го осудува Хамас 57 дена откако повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, беа убиени и околу 240 киднапирани во нападите на палестинските екстремисти предводени од исламската организација, која управува со Појасот Газа.

UN Women со недели беше критикувана за молчење на доказите за сексуално насилство за време на нападот, јавуваат израелските медиуми.

Во соопштението што беше објавено денеска, најпрво се изразува жалење што конфликтите меѓу Израел и Хамас се обновени по еднонеделното примирје.

- Недвосмислено ги осудуваме бруталните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври. Вознемирени сме од бројните извештаи за злосторства засновани на пол и сексуално насилство за време на тие напади, се додава во соопштението.

Организацијата ја пофалува Комисијата за истрага на ОН за окупираните палестински територии, вклучително и Источен Ерусалим, затоа што повика да се поднесат пријави за злосторствата врз основа на полот од 7 октомври.

Коен ја осуди одлуката, велејќи дека истрагата за злосторствата треба да ја води неутрално тело, „а не оние што го мразат Израел и антисемитисти“. јт/

Фото: Х

Остани поврзан