• четврток, 26 декември 2024

Министерот за заштита на граѓаните на Грција надлежен за полицијата си поднесе оставка

Министерот за заштита на граѓаните на Грција надлежен за полицијата си поднесе оставка

Атина, 28 јули 2023 (МИА) - Од лични причини, министерот за заштита на граѓаните на Грција, надлежен за полицијата Нотис Митаракис денеска си поднесе оставка, која била прифатена од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, на местото на Митаракис доаѓа досегашниот алтернативен министер за образование, религија и спорт, надлежен за спорт и поранешен владин портпарол Јанис Иконому.

На местото на Иконому, пак, поставен е Јанис Вруцис кој во минатото беше и министер за труд и социјални прашања.

Митаракис, кој денеска си поднесе оставка, во конкретното Министерство беше само еден месец со оглед на тоа што новата грчка Влада положи свечена заклетва на 27 јуни.

Во претходната Влада на Нова демократија, Митаракис беше министер за миграција и азил.

Весникот „Катимерини“ во денешното печатено издание објави коментар во кој се упатува критики до Митаракис дека додека земјата се соочува со големи пожари и сериозна криза, министерот за заштита на граѓаните вчера заминал на одмор на островот од кој потекнува. ср/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан