• четврток, 07 ноември 2024

Министерката Хаџиу на распит во обвинителство по изјавите за вмешаност на Србија во бегствата од косовските затвори

Министерката Хаџиу на распит во обвинителство по изјавите за вмешаност на Србија во бегствата од косовските затвори

Приштина, 22 јули 2024 (МИА) – Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу е интервјуирана денеска во Специјалното обвинителство откако изјави дека криминалните групи поврзани со Владата во Србија имаат удел во бегството на некои затвореници од косовските затвори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролката на Специјалното обвинителство, Лиридона Козмаќи, за медиумите изјави дека со Хаџиу се разговара за да се расветли нејзината изјава од пред неколку недели за можни средби и разговори со обвинители и судии за одредени предмети, како и за саботната објава на Фејсбук поврзана со бегствата од затворите.

– Специјалното обвинителство на Република Косово ја информира јавноста дека... денеска е извршен разговор со министерката за правда Албулена Хаџиу, со цел да се појасни нејзината изјава дадена на медиумот ТВ Дукаѓини, во емисијата „Дебата плус“ на 02.07.2024 година, во врска со можни средби и разговори со обвинители и судии за одредени предмети, како и нејзината објава на социјалната мрежа Фејсбук на 20.07.2024 година, во врска со бегствата што се случиле од косовските затвори, изјави Козмаќи.

Таа рече дека „интервјуирањето на истата за разјаснување на овие прашања ќе продолжи и утре“.

Хаџиу во саботата напиша дека има информации оти некои случаи на бегства „биле поттикнати, организирани, коорганизирани и олеснети од криминални групи поврзани со структури на моќ на територијата на Србија“.

Таа рече дека „оваа организација се состои во давање гаранција дека за таквите лица територијата на Србија, тамошните криминални групи и одредени нивоа на моќ им нудат заштита од кривичното гонење во Република Косово“ и дека „систематското зачестување на овие случаи во овој период нема друго значење освен агресивната политичка цел на нашиот северен сосед“.

Во истата објава таа напиша дека „е неопходна локална и меѓународна истрага за да се истражат систематските дејствија на поттикнување, организирање и коорганизирање на бегството на затворениците, притворените и оние кои ги бара правдата во Косово, на територијата на Србија и создавање таму на заштитена средина за неказнивост и кривично гонење на криминалците од органите на Република Косово“. иа/
 

 
 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан