• петок, 22 ноември 2024

Министерката за образование и наука во посета на Штип

Министерката за образование и наука во посета на Штип

Штип, 23 август 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на  Општина Штип оствари средба со градоначалникот Иван Јорданов и со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски, а главна тема на дискусија била состојбата на образованието.

Штипскиот градоначалник Јорданов изјави дека на средбата било заклучено дека Универзитетот и средните училишта ќе имаат подобрена комуникација, соработка и поврзаност во контекст на промовирање на образованието.

-Денес во Штип на работна посета е министерката за образование Весна Јаневска, заедно со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и имавме состанок со Одделението за образование, разговаравме на повеќе теми за состојбата на образованието, бидејќи Штип е образовен центар којшто треба да се надоградува. Комунициравме на теми за развој во насока во образованието за изготвување на план и стратегија за образовен и економски развој на Општина Штип. Универзитетот и средните училишта ќе имаат подобра комуникација, поголема соработка и поврзаност во насока и на промовирање на дуалното образование, изјави Јорданов.

Министерката Јаневска рече дека на средбата се разговарало и  за развивање на стратегијата за подобро образование, но и за сегрегацијата во одредено училиште и како да се надмине тој проблем.

-Ние денес имавме плодна и конструктивна средба со градоначалникот на Општина Штип и со ректорот на Универзитетот, во кои опфативме повеќе аспекти од сите нивоа на образованието и на големо задоволство дојдовме до еден заклучок дека треба да направиме интегрирање од повеќе области и да се развие една стратегија за подобро образование и во основното, средното и високото образование во Македонија, каде што очекуваме подобрување на севкупниот квалитет во образованието. Дополнитено разговаравме за сегрегацијата и јас како министер се залагам секогаш да се подобри условите во кои ќе нема дискриминација, рече  Јаневска.

Оваа средба за ректорот на УГД-Штип, Мираковски, е одлична, бидејќи Универзитетот ќе има можност за подобра интеграција на сите нивоа на образованието.

-Денеска имавме една одлична работна средба со министерката и градоначалникот и јас сум сигурен дека од оваа средба произлегоа идеи и заклучоци со кои Универзитетот ќе се ангажира максимално да ги ставиме во еден стратешки документ, кој ќе ни создаде подобра интеграција на сите нивоа на образование, подобра соработка со средните училишта, рече Мираковски. вдј/хс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан