• среда, 25 декември 2024

Милчевска: Да им помогнеме на лицата со патологија во вербална комуникација за поквалитетен живот

Милчевска: Да им помогнеме на лицата со патологија во вербална комуникација за поквалитетен живот

Крива Паланка, 6 март 2024 (МИА) - Комуникацијата е клучот за човековата интеракција, вели логопедот Христина Милчевска од Крива Паланка која по повод денешниот, Европски ден на логипедијата, 6 Март, апелира на подигнување на свеста за важноста на логопедите и нивното влијание за поквалитетен живот на лицата со патологија во вербалната комуникација.

-Логопедијата како здравствена наука ја проучува патолошката состојба во вербалната комуникација, работејќи на превенција, дијагностика и рехабилитација од истата. Основна цел на логипедијата е развој на говорот, сфаќање на говорот, паметење на зборовите и јазичните структури, формирање на внатрешниот говор и јазичното мислење, како и развојот на надворешната манифестација на јазикот т.е. активната комуникација на социјален план. Живееме во едно модерно време во кое, за жал, поради стилот на живот, се среќаваме со сѐ поголем број дечиња кои проговараат подоцна или имаат проблеми со говорот, па тука ќе потенцирам, дека многу значаен фактор за нивно решавање се раната детекција и консултација со стручни лица, логопеди, вели Милчевска, логопед во Здравствениот дом, Крива Паланка, специјалист клинички логопед.

Според неа, вистинско време за посета на логопед е тогаш кога родителот ќе забележи некакви неправилности или отстапки во развојот на своето детенце уште од најрана возраст.

-Родителите треба будно да го следат развојот на детето и да го стимулираат уште од самото раѓање. Првите три години се од големо значење за детскиот говорен развој. Затоа, овде ќе набројам повеќе показатели за потешкотии во развој на комуникација кај децата,на кои родителите треба да обрнат внимание: ако кај детето изостанува фазата на "брборење", не ги удвојува слоговите, нема показен гест, не воспоставува контакт со очи, не се врти на сопственото име, комуникацијата е оскудна или воопшто не постои, ако говорот на детето е неразбирлив за средината, знае мал фонд зборови за својата возраст или се служи со неколку едноставни зборови, нема развиено едноставна реченица, заменува или неправилно изговара одредени гласови, пелтечи или бавно зборува и други. Ова се показатели дека родителите треба да побараат стручна помош од логопед, објаснува Милчевска.

Стручна помош од логопед треба да се побара и во случај на потешкотии и проблеми при читање или пишување, за да, што порано се превенира поголем проблем во вербалната комуникација кај децата и да се придонесе за подобрување на квалитетот на живот на лицата со ваква патологија. ид/сст/

фото МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан