• сабота, 23 ноември 2024

Милевски: Против Лихтенштајн нè очекува најтешкиот натпревар во квалификациите

Милевски: Против Лихтенштајн нè очекува најтешкиот натпревар во квалификациите
Скопје, 29 септември 2021 (МИА) – Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски денеска ги изнесе своите очекувања од двата октомвриски натпревари во рамки на мундијалските квалификации против Лихтенштајн на гостински и против Германија на домашен терен. - Најбитен е натпреварот со Лихтенштајн. Нè очекува најтешкиот меч во досегашниот тек од квалификациите. Станува збор за селекција која константно напредува во последните години. Не е истата селекција од пред десетина години. Имаат одличен тим, пред сè на колективно ниво, тоа го докажаа на натпреварите со Ерменија и Германија. Очекувам да го дадеме максимумот на тој натпревар, да дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода од тоа гостување. Фаворити сме, но тоа мора да го покажеме и на терен. Очекувам од моите фудбалери да бидат во подобра форма од натпреварите во септември. Сите се во тренажен и натпреварувачки ритам, изјави Милевски. Мора да бидеме подобри во реализацијата, вели Милевски, тоа ни недостигаше во септември. - Секој фудбалер треба да биде максимално сконцентриран, јас немам замерки за тоа што го пренесоа на терен од тоа што го баравме на последните натпревари. Не сакам да правам калкулации, мора да дадеме максимум да го добиеме првиот дуел, а за сè останато ќе зборуваме подоцна, додаде предводникот на македонскиот национален тим на денешната прес-конференција во Скопје. ег/бак/

Остани поврзан