• понеделник, 23 декември 2024

Мигрантското прашање во фокусот на средбата Мицотакис- Макрон на Самитот МЕД9 на Малта

Мигрантското прашање во фокусот на средбата Мицотакис- Макрон на Самитот МЕД9 на Малта

Атина, 29 септември 2023 (МИА) – Прашањата од билатерален и регионален интерес, одбранбената соработка, миграцијата, како и војната во Украина, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и францускиот претседател Емануел Макрон на нивната средба на маргините на Самитот МЕД9 во Валета, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на Мицотакис соопштија дека посебен акцент на средбата бил ставен на мигрантското прашање и важноста на чувањето на надворешните граници на ЕУ, но и соработката со земјите на потекло на мигрантите.

- Кирјакос Мицотакис истакна дека Грција ќе остане доследна на својата политика за чување на границите, потенцираше дека е потребна соработка на земјите- членки за да се спречат тргнувањата на мигрантите, а мрежите на криумчаите да се обесхрабрат да ставаат очајни луѓе во чамци и да започнуваат опасно патување, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер.

Дополнително, двајцата лидери го изразиле нивното „задоволство од одбранбената соработка на двете земји“, грчкиот премиер му се заблагодарил на Макрон за помошта на Франција за Грција во гаснењето на пожарите и повторил дека „ЕУ мора да стори повеќе за справување со природните катастрофи и прилагодување на климатската криза“.  

Паралелно Мицотакис и Макрон размениле и мислења за можностите за соработка во областа на технологијата за предвидување на екстремни временски појави.

Според најавите, лидерите на земјите членки на МЕД9 групата, односно Грција, Малта, Шпанија, Кипар, Хрватска, Словенија, Португалија, Франција и Италија, денеска на Самитот се очекува да разговараат за мигрантското прашање, но и за климатската криза.

Грчкиот премиер, пред две седмици, по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за пакетот помош за Грција за справување со последиците од природни катастрофи, испрати писмо земјите од МЕД9 групата, барајќи координација на земјите од југот во пресрет на следните Европски совети за да се побара сеопфатна стратегија за прилагодување на климатската криза, која бара повеќе ресурси.

Претходниот Самит МЕД9 беше одржан во декември во Шпанија. ср/ми/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан