• петок, 05 декември 2025

Мигрантските бранови од Либија во фокусот на средбата Мицотакис – Брунер

Мигрантските бранови од Либија во фокусот на средбата Мицотакис – Брунер

Атина, 1 јули 2025 (МИА) – За спроведувањето на новиот Пакт за миграција и азил, особено во делот околу враќањата на мигрантите и договорите со трети земји за конкретното прашање, како и за мигрантските бранови од Либија, разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер на средбата истакнал дека властите во источна Либија мора да преземат мерки за намалување на брановите кон Грција, со цел да се спречи воспоставување нова миграциска рута и изразил благодарност за мобилизацијата на Европската комисија во оваа насока, со оглед на тоа што Брунер заедно со министрите за миграција на Грција, Италија и Малта на 8 јули ќе ја посети Либија.

- Знам дека ќе одите во Либија и ова е важна посета за нас. Во последните месеци регистриравме значителен притисок на рутата помеѓу источна Либија и јужен Крит и ова е проблем што мора да го ставиме под контрола. Ќе го направиме својот дел, работејќи со либиските власти за да се осигураме дека овие бродови нема воопшто да го напуштаат либискиот брег, рече Мицотакис на почетокот на средбата со Брунер.

Еврокомесарот изрази благодарност до Грција за заштита на заедничките граници, „кои не се само грчки граници, тие се граници на Европската Унија“, а за Либија посочи дека заедно со министрите од Грција, Италија и Малта ќе ја посетат земјата со, како што рече, пристапот „Тим Европа“, за да покажат дека се обединети.

За спроведувањето на Пактот за миграција и азил рече дека е „многу добра основа“, но исто така и дека „недостасуваат некои делови, како што е регулативата за враќање и концептот на безбедна трета земја“.

Брунер во рамките на неговата посета на Атина се сретна и со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, а од Министерството за надворешни работи на Грција преку Икс информираа дека разговорите биле фокусирани на подобрување на координацијата за ефикасно справување со нелегалната миграција и спроведување на Пактот за миграција и азил.

-Како земја-членка ЕУ во првите линии, Грција ги нагласува принципите на одговорност и солидарност, истакнувајќи ја потребата од зајакнување на соработката со трети земји во однос на процедурите за враќање, напишаа од грчкото МНР. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан