МИА Општински пул
- 14 ноември 2025
14 ноември 2025
Велес - А.М. (46) од Велес, вчера во 14:45 часот во СВР Велес пријавила дека од домот се оддалечила нејзината сестра 50 годишната М.М., која имала здравствени проблеми.
Како што денеска информираат од СВР Велес, се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Скопје - Тревната површина до ТЦ „Капитол мол“ повторно ќе биде целосно отворена и вратена на користење на сите граѓани, информираат од Општина Аеродром.
-Утринава започна отстранувањето на објектот кој со години беше поставен на тревникот покрај булеварот „Јане Сандански“. Овој објект функционираше врз основа на Решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена. Бидејќи објектот нема важечко одобрение, тој ќе биде целосно демонтиран и просторот конечно ќе се ослободи за користење, соопштии ја од Општина Аеродром.
По отстранувањето, се вели во соопштението, Општината ќе пристапи кон уредување на локацијата со современа урбана опрема, зелени површини и ново, модерно детско катче.
Радовиш - Со настап на познати естрадни уметници вечер ќе биде означен почетокот на традиционалната манифестација „Самун ем татлија“, која се организира по единаесетти пат во Радовиш.
Покрај подотовката на традиционалните радовишки спрецијалитети, ќе има богата културно-уметничка и музичка програма со настап на пејачи од земјава и странство.
-Ве повикувам на 14, 15 и 16 ноември да бидете гости во Радовиш, да го вкусите нашиот традиционален специјалитет „самунот“, секако и „татлијата“, која ќе биде проследена со убава музичка програма, вели градоначалникот на Радовиш, Љупчо Почивалец.
Битола - Со роденденска премиера на претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Иштван Сабо од Унгарија, Битолскиот театар денеска одбележува 81 година од денот на формирањето и почетокот на Меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“.
Главната улога, ликот на Макбет го игра Мартин Мирчевски, а заедно со него во најновиот проект вклучени се четириесеттина професионалци, актери и логистички персонал од Народниот театар-Битола, избрани од унгарскиот режисер Сабо Иштван.
-Претставата ја подготвував два месеци со многу добар тим. Направивме една чудна претстава водена од пораката дека вистинскиот начин да се направи театар е гротеската бидејќи човековата природа само по себе се гротеска. Ние сите на некој начин сме биполарни, трагични и комични. Нашите чувства се секогаш контрадикторни и затоа посебно во оваа претставата е можноста да се откријат овие карактеристики кај луѓето, истакна режисерот Иштван во пресрет на вечерашната премиера.
Куманово - Општина Куманово преку јавна анкета достапна за сите ја активира можноста граѓаните директно да учествуваат во креирањето на општинските политики и во одредувањето на приоритетите за трошење на буџетските средства, информираа денеска надлежните. Порази изборниот процес, општина Куманово не можеше да организира буџетски форуми како претходните години. Преку прашалникот, граѓаните можат да ги наведат најитните потреби во нивната средина, да предложат проекти и да укажат на инфраструктурни, социјални или комунални приоритети што сметаат дека треба да се финансираат. Анкетата е достапна на веб страницата на општината и на социјалните мрежи на општина Куманово.
Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, посочи дека анкетата е клучен инструмент за зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалната власт:
Велес - Учениците и вработените во Државното средно училиште РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес успешно реализираа показна вежба за евакуација во случај на пожар.
Вежбата „Начин на однесување во кризни ситуации“ ја реализираа во соработка со пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Велес, со волонтери на Општинската организација на Црвен крст, Дирекцијата за заштита и спасување, екипи на СВР Велес и службата на Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом од Велес.
Скопје - Без напојување со електрична енергија времено во текот на денот ќе останат делови од неколку скопски општини.
Регионалниот центар за управување со кризи, повикувајќи се на информација од ЕВН Македонија, соопшти дека од 08 до 11 часот без струја ќе бидат корисниците од ул. Павле Божинов во општина Гази Баба, од 08 до 12 часот корисниците ул. 28 и ул. 30 од село Белимбегово во општина Илинден, а од 08 до 13 часот корисниците ул.Мирче Оровчанец во општина Центар.
Во периодот од 08 до 13 часот струја ќе немаат корисниците од дел од ул. Петар Манџуков во општина Бутел,а од 08.30 до 11 часот корисниците ул. Индира Ганди 31 во општина Шуто Оризари.
Од 09 до 12 часот без струја ќе биде Амбулантата во Ѓорче Петров и околните корисници, од 09 до 13 часот корисниците од Жито Алтан, дел од Дрма, Живинарска Фарма во општина Гази Баба и од 09 до 15 часот корисниците од дел од с.Глуво во општина Чучер Сандево.
Скопје - Без вода денеска од 9 часот ќе останат дел од жителите лоцирани на улиците „Васил Ѓорѓов“ број 19, „Народен Фронт“ и „Христо Смирненски“ број 13, а од 10 часот дел од жителите од улицата „Александар Урдаревски“.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, поради уличен дефект на „Васил Ѓорѓов“ број 19, прекин во водоснабдувањето ќе имаат дел од корисниците од истата улица и дел од улицата „Народен Фронт“.
Поради изведување водоводен приклучок ф-100 милиметри на улица „Христо Смирненски“ број 13, без вода ќе бидат дел од корисниците од истата улица, на потегот од маркетот „Зур“ до булеварот „Партизански Одреди“.
Скопје - Поради уличен дефект денеска на улица „Борка Аврамова“ 17,прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и дел од улица „Саса“.
Како што информират од ЈП „Водовод и каналзиација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:45 часот до завршување на санацијата на дефектот.
Скопје - Поради уличен дефект денеска на улица 30/142 Радишани (Љуботенски Пат), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ке биде прекинато од 9:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Скопје - Без водоснабдување денеска од 09 часот ќе бидат жителите на улиците „Дижонска“ и „Коста Абрашевиќ“ и Гинекологија Чаир, соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Причина за прекинот е дефект на улицата „Дижонска 17“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот.