• вторник, 26 ноември 2024

МЗШВ и Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем потпишаа Меморандум за разбирање

МЗШВ и Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем потпишаа Меморандум за разбирање
Скопје, 19 август 2022 (МИА) -  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем потпишаа Меморандум за разбирање чија цел е ефикасна и координирана соработка при дизајнирање и спроведување на „Мерка 125“ од Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој за периодот 2018-2022.

На потпишувањето, како што соопшти МЗШВ, биле присутни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на Проектот за развој на деловниот екосистем, Дејан Јаневски и претставникот на УСАИД одговорен за развој на земјоделството, Кристофер Доџ.

-Иницијативата за изработување на „Мерка 125“ има за цел да го поттикне развојот на интегрирани синџири на снабдување, како механизам за обезбедување финансиска поддршка за вакви проекти. Со овој пристап се очекува подобрување на односите помеѓу земјоделците и преработувачите, подигнување на нивото на иновации во земјоделскиот и прехранбениот сектор, подобрување на перцепцијата на потрошувачите за локалните прехранбени производи и подобрување на конкурентноста на земјоделците преку нивно интегрирање во земјоделскиот и прехранбениот сектор, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Оттаму информираат дека во изминатите месеци Министерството ја започна подготовката на правната рамка преку која ќе биде овозможено спроведувањето на Мерката 125, во согласност со генералните обврски и насоки на државата за прилагодување кон заедничката земјоделска политика на ЕУ. Преку оваа соработка, Министерството ќе ги дефинира конкретните критериуми и механизми на практично спроведување на Мерката, базирани на реалните потреби на земјоделско-прехранбениот сектор во Северна Македонија. 

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем работи на трансформација на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Република Северна Македонија, преку зајакнување на деловните услуги, пристапот до финансии и вмрежување на локалниот екосистем. Со цел поттикнување на оддржлива промена во деловниот екосистем во Северна Македонија, Проектот од својот зачеток е во постојана соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Како дел од иницијативата за подобрување на продуктивноста на млечната индустрија и полесен пристап до ИПАРД фондови, Проектот и Министерството остварија активна соработка со цел подобрување на координацијата меѓу Министерството и локалните општини. дма/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан