• сабота, 23 ноември 2024

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство кон 13 440 земјоделци

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство кон 13 440 земјоделци

 Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информира дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска ја реализраше исплатата на директните плаќања за остварено производство со градинарски култури и остварено производство со овошни култури. Корисници на поддршката за градинарство се 6.200 производители на домат, пиперка, краставица, корнишон, зелка, грав и компир на отворено и во пластеници. Тие своето остварено производство го предале на регистриран откупувач или го продале на пазар. Висината на поддршката по поединечен корисник изнесува 20.000 денари по хектар. Вкупно се исплатени 85 милиони денари, поддршка кон производителите на градинарски култури.

Според МЗШВ. поддршката за оствареното производство со овошни култури, се однесува на корисници, кои пријавиле производство на јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев бадем и калинка. Кај оваа мерка исплатени се над 7.240 корисници со вкупна финансиска поддршка од 217,7 милиони денари.

Поддршката за пријавено производство со јаболко изнесува 30.000 денари по хектар, за слива и праска изнесува 25.000 денари по хектар, за вишна, цреша, кајсија и круша поддршката изнесува 22.000 денари по хектар, додека за јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка изнесува 13.000 денари по хектар.

-Во наредниот период продолжуваме со исплата на финансиската поддршка за растително производство. Веќе до крајот на неделата АФПЗРР треба да ја реализира и исплатата, кај полјоделските култури, односно поддршката за користен сертифициран семенски материјал, освен за оризот, каде дополнителната поддршка не е условена со користење на сертифициран семенски материјал. Истовремено АФПЗРР ги подготвува соодветните налози за исплата на субвенциите за тутун за реколта 2023, по основ на две мерки кои предвидуваат поддршка од 80 денари за прва класа, 70 за втора, 60 за трета како и дополнителна поддршка од 20 денари по килограм предаден тутун. Следува и реализациајта на дополнителните мерки од делот на сточарството за огледувачите на говеда и кози, како и мерките за органско производство, поддршката за подрачја со ограничени можности и дополнителните субвенции за регистрираните земјоделци, информира МЗШВ. мч/нд/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан